Назад

Кој може да биде член на Третиот пензиски столб

Членови на Третиот столб можат да бидат сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години и немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ниту, пак, се корисници на истата, односно лица кои не повлекуваат средства во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и не остваруваат пензиски надоместок во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Работниот однос не е предуслов за членување.

Работниот однос не е предуслов за членување, па затоа членови можат да бидат и лица кои се невработени, вработени на проекти или во странски мисии, долгорочно невработени лица, лица кои немаат приходи по ниедна основа, лица за кои ќе биде уплатуван дополнителен пензиски придонес – брачни другари, членови на семејството и слично.

Членот може да уплаќа:

  • Доброволен придонес сам за себе,
  • Во негово име и за негова сметка да уплаќа доброволен придонес трето лице (т.н. уплаќач), или
  • За него да плаќа осигурител односно финансиер на професионална пензиска шема.

Лицето станува член на доброволен пензиски фонд:

  • Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка
  • Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето, уплаќачот и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка  или
  • Со учество во професионална пензиска шема и отворање на професионална сметка.

Друштвото отвара доброволна индивидуална сметка или професионална сметка на членот, веднаш по првата уплата на придонес.

Членот, уплаќачот и осигурителот, имаат право слободно да ја одредуваат висината на уплатениот износ на доброволен придонес и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не влијаат на правото на членство во доброволниот пензиски фонд, односно не значат прекин на членството.

За Третиот пензиски столб

Третиот пензиски столб односно доброволно капитално финансирано пензиско осигурување овозможува дополнително пензиско осигурување засновано на капитализација на уплатените средства.

Основната цел на Третиот пензиски столб, независно од државното пензиско осигурување, е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на вработените лица, пензиски приходи на лицата кои не се вработени или спаѓаат во категоријата на долгорочно невработени лица, лицата вработени на проекти или во странски мисии, лица кои немаат приходи по ниедна основа, дополнително пензиско осигурување на трети лица – брачни другари, членови на семејството, односно пензиски приходи на сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години, но немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување ниту, пак, се корисници на истата, односно лица кои не повлекуваат средства во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и не остваруваат пензиски надоместок во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.