Назад

Засаден и четвртиот Пензиски парк – „Позитивните реакции се поттик да не застанеме тука“

По 6 години заедничка организација на едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје за прв пат оваа година во својата кампања вклучија и општествено одговорни активности кои поттикнаа позитивни реакции кај јавноста.

Општествено одговорната фаза од кампањата ја завршуваме денес, задоволни од реакциите на коишто наидовме од страна на учениците во избраните училишта, но и од пошироката јавност. Уверени сме дека ова е одличен почеток и поттик како за нас, така и за останатите компании и граѓаните, да не застанеме тука бидејќи овие акции имаат потенцијал да прераснат во една убава традиција.“ – порачаа денес од пензиските друштва, за време на четвртата и последна акција за садење дрвја во рамки на кампањата „Засади желба, за поубава иднина“.

По „8-ми Септември“ – Скопје, „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид и „Кочо Рацин“ – Свети Николе, Пензиски парк денес никна и во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје.

Почетокот на акцијата го означи заменик директорот на училиштето Катерина Анчева со благодарност до трите пензиски друштва.

Ни претставува особена чест и задоволство што токму нашето училиште „Д-р Панче Караѓозов” е едно од четирите избрани во проектот „Засади желба за поубава иднина”. Голема благодарност до трите пензиски друштва за ваквата иницијатива. Ваквите активности претставуваат пример за младите генерации за будење на еколошката свест, пример за тоа како треба да се чува и одржува природата бидејќи здравата животна средина е од особено значење за здравјето на човекот.

Пораката на еден ваков настан, која сите ние заеднички сакаме да ја испратиме до младите е дека секоја наша инвестиција која ја правиме денес ќе ни се врати во иднина. Се надеваме дека ваквите проекти ќе преминат во традиција со што ќе оставиме добар пример и ваквите паркови ќе послужат како инспирација за идни вакви активности.“ – изјави Анчева.

Во оваа прилика, со своја порака на учениците им се обратија и претставниците на пензиските друштва.

Денес сме тука, сите три пензиски друштва, да го засадиме четвртиот парк предвиден во оваа општествено одговорна акција, која покрај очигледната цел да се создадат паркови кои ќе ни дадат повеќе кислород и дрвја на кои ќе им се воодушевуваат и уживаат во нивните сенки идните генерации ученици, има за цел и да ја доближи моќта на долгорочното инвестирање. Еден од најпознатите долгорочни и трпеливи инвеститори, господинот Warren Buffet рекол: „Некој денеска ужива во сенката затоа што некој тука засадил дрво многу одамна“.

Не случајна е оваа аналогија. Доволно е да донесете одлука да почнете да штедите денес, за да ги берете плодовите по 20, 30 или 40 години. Што порано, тоа подобро. Што порано, тоа поголем период за оплодување на вашата заштеда. Вашата заштеда ќе расте и ќе се оплодува слично како што ќе растат овие дрва. Наместо хранливите материи од воздухот, почвата и водата, вашата заштеда ќе расте од  знаењето и стручноста на инвестициските професионалци од вашето пензиско друштво.“ – изјави Коста Ивановски, CFA – Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д.Скопје

По него, се обрати Стела Бојаџиев – Раководител на Секторот за маркетинг и продажба во КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.

Кога бев на ваша возраст единствено нешто што ме преокупираше бea оценките и дружењето со врсниците.

Препоставувам дека тука нема промена и тоа е ваша грижа во моментов. За разлика од минатото, кога пензииите беа тема за дискусија на нашите баби и дедовци, денес сите ние имаме можност преку најразлични алатки да се информираме и едуцираме за нашата пензија или финансиска иднина.

Денес, вие како ученици, како дел од образовниот систем имате можност да се запознаете со вашата иднина. Нашата заедничка цел е со овој тип на активности да ја покренеме вашата свесност и да ве едуцираме за вашите права како идни членови во тростолбниот систем на пензиско осигурување. Денес садиме заедно и посакуваме истите да растат и станат синоним за финансиската стабилност во која ќе уживате во иднина вие и сите ние.” – рече таа.

За време на акцијата во којашто беа засадени 15 листопадни садници од страна на вработени во пензиските друштва со помош на учениците, една од „засадените желби“ беше во периодот кој следи да се вклучат што е можно повеќе училишта во кои ќе заживее грижата за животната средина и за иднината на младите генерации. Токму тоа е симболиката на овие Пензиски паркови – да укажат на активниот удел кој младите го имаат во планирањето на сопствениот живот и иднина.

Покрај  редовните кампањи за зголемување на свеста за нашиот сегмент на работење оваа година сакавме да направиме нешто различно. Обезбедувањето на поубава иднина и поквалитетен живот е основата која не обединува и нас како пензиски друштва. 

Преку засадувањето на дрвото како симбол за поубава иднина сакаме да го доближиме нашето работење до пошироката јавност, но и да продонесеме за зголемување на еколошката свест. Нашите желби можеби се различни, меѓутоа за сите нив заедничка е надежта за поубава иднина.

Преку разубавување на училишните дворови, да ги мотивираме младите активно да учествуваат во разубавување на сопствениот живот. Кога ќе ги погледнат младите фиданки од школските клупи да знаат дека направиле нешто за себе но и нешто што ќе остави белег и ќе има вредност и за идните генерации.

Ваквите кампањи сакаме да бидат наш влог во заедницата како општествено одговорни компании, и да направиме чекор напред во градењето на едуцирана младина која ќе може да донесе вистински одлуки во вистинско време.

Бидејќи само на тој начин сме чекор понапред до поубава иднина за сите нас.“ – изјави во своето обраќање М-р Маријан Николовски – Член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје.

Ова се пораките со кои претставниците на пензиските друштва им се обратија на учениците и им ја предадоа одговорноста за новиот парк кој ќе остане да ги мотивира и инспирира на позитивни активности во правец на градење на поубава иднина.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ се достапни на веб страната www.penzija.mk 

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk