Твојата пензија е инвестиција за тебе и за твоите најблиски
Кога размислуваме за иднината, обично се гледаме себеси како исполнуваме желби, остваруваме планови и чекориме кон целите што си ги поставуваме. Меѓутоа, ретко кој ја става пензиската сигурност високо на таа листа. А токму таа сигурност и сè што носи со себе, влијае не само на нас, туку и на луѓето што ги сакаме.
Во рамки на македонскиот пензиски систем, заштедата што ја создавате преку вториот и третиот столб е вашиот личен капитал. Тоа е имот што не припаѓа на ниедна институција, компанија или работодавач, туку единствено на вас. Исто така, тоа е потенцијален дел од финансиската иднина на вашето семејство – нешто што може да направи значајна разлика во моменти кога стабилноста е најпотребна.
Вториот столб: ваш сопствен капитал, заштитен со закон
Секој месец, дел од вашата бруто-плата автоматски се насочува во вториот пензиски столб. Тие средства се чуваат на индивидуална сметка отворена на ваше име. Не може да ги преземе ниту фирмата каде што работите, ниту државата, ниту пензиското друштво каде што се уплаќаат.
Овој капитал се чува кај банка-чувар и е одвоен од имотот на пензиските друштва. Над него се врши строга контрола – секојдневен надзор од МАПАС и од други државни институции. Законот јасно го штити од извршување, што значи дека не може да се блокира, заплени или користи за покривање било каков долг. Вашата заштеда останува на вашата сметка сè додека не дојде моментот кога ќе може да се исплаќа.
Во суштина, вториот столб е еден од најсигурните финансиски механизми во системот – стабилен, личен и заштитен.
Третиот столб: флексибилна заштеда за вашите лични и семејни планови
За оние кои сакаат да создадат уште поголема стабилност – било затоа што имаат варијабилен приход или затоа што сакаат дополнителна сигурност – третиот столб нуди посебна флексибилност. Член може да биде секој од 15 до 70 години, а износот и динамиката на уплатите се целосно по сопствен избор. Може да се паузира, продолжи или промени без никакви последици.
Најчесто, средствата од третиот столб се исплаќаат еднократно, што им дава на членовите голема слобода да ги искористат кога навистина им се потребни. И како и вториот столб, и оваа заштеда е под истиот систем на надзор да за се обезбеди таа да е целосно лична, заштитена и транспарентна.
Третиот столб е особено важен за оние што сакаат да создадат уште една потпора за зрелите години или порано, доколку се исполнат законските услови.
Пензијата како наследство
Како изгледа постапката за наследување кај вториот столб?
Право на наследство на средствата уплатени во задолжителен пензиски фонд е возможно единствено во случај на прерана смрт на членот на пензискиот фонд, согласно Законот и доколку нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија. Во тој случај, средствата акумулирани на индивидуалната сметка на членот кој починал се предмет на оставинска постапка и со нив се постапува согласно Законот за наследување.
Постапката изгледа вака:
- Членови на семејството на починатиот член се обраќаат до Друштвото со Барање за состојба на сметка,
- Со документот за состојба на сметка се отвора оставинска постапка кај надлежен орган (суд, нотар)– како и за секој друг вид имот.
- Наследниците поднесуваат барање за исплата и Решение за оставинска постапка до пензиското Друштво каде што починатиот бил член.
- Пензиското друштво го известува МАПАС, кој ја проверува состојбата во ПИОСМ (дали некој побарал семејна пензија).
- По потврдата, средствата се исплаќаат на законските наследници за што добиваат и писмено известување.
Постапката е формална, безбедна и регулирана. Секоја институција има јасна улога, со цел средствата да стигнат до лицата кои имаат право на нив.
Кога починатиот член има членови на семејството кои имаат стекнато право на семејна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, институционално се врши проверка од кој пензиски столб семејната пензија би била повисока. Доколку пресметката на семејната пензија е повисока од Вториот столб, членовите на семејството кои остваруваат право на семејна пензија имаат право да се откажат од семејната пензија од Првиот столб и да користат, единствено, семејна пензија од Вториот столб.
Како изгледа постапката за наследување кај третиот столб?
Право на наследство на средствата уплатени во доброволен пензиски фонд е возможно единствено во случај на прерана смрт на членот на пензискиот фонд и со нив се постапува согласно Законот за наследство.
Постапката изгледа вака:
- Членови на семејството на починатиот член се обраќаат до Друштвото со Барање за состојба на сметка,
- Со документот за состојба на сметка се отвора оставинска постапка кај надлежен орган (суд, нотар) – како и за секој друг вид имот.
- Наследниците поднесуваат барање за исплата и Решение за оставинска постапка до пензиското Друштво каде што починатиот бил член.
- По комплетирање на потребната документација средствата се исплаќаат на законските наследници за што добиваат и писмено известување.
Кај третиот столб нема проверка дали некој побарал семејна пензија (правото на наследство кај третиот столб не е поврзано со семејната пензија), туку по приемот на Барање од наследниците директно се спроведува исплата согласно нотарскиот акт за наследување.
Пензиската заштеда е стабилност за целото семејство
Иако многумина ја доживуваат пензијата како личен аспект од сопствената зрелост, во суштина таа е многу повеќе од тоа. Таа е начин да создадете финансиска основа што ќе го заштити семејството во моменти на неизвесност, да оставите имот што има реална вредност и да обезбедите поддршка која ќе продолжи да живее и по вас.
Пензиската заштеда е дел од поголемата животна приказна. Приказна во која вашите одлуки за стабилност им помагаат на оние што ги сакате.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk