Како се чита зелениот плик
Зелениот плик, кој секоја година го добивате од вашето пензиско друштво во печатена или електронска форма, ви овозможува реален увид во вашата иднина и финансиската сигурност по пензионирањето.
Во овој годишен извештај за вашата пензиска заштеда се содржани сите информации за тоа колку средства имате на вашата пензиска сметка, каде се инвестирани и каков принос е остварен во текот на изминатата година.
Вашата состојба на сметката
Во првиот дел ќе ја најдете вкупната состојба на вашата сметка на 31 декември од изминатата година.
Таа се пресметува со формулата: Вкупен износ = број на сметководствени единици × вредност на сметководствената единица.
- Бројот на сметководствени единици расте со секоја нова уплата во фондот.
- Вредноста на сметководствената единица се менува секој ден – таа најмногу зависи од успешноста на инвестирањето.
Со тек на време, и двата фактори обично имаат тенденција на раст, што значи дека и вашата пензиска заштеда расте.

Преглед на сите уплати
Во вториот дел ќе најдете табела со сите уплати и исплати направени во текот на годината.
Секој ред во оваа табела прикажува датум, износ и опис на трансакцијата.
- Датум кога е извршена уплата или исплата на средства од сметката на членот
- Опис на трансакцијата – уплатен придонес, корекција и сл. На пример, во последниот ред од нашата табела стои П202411, што означува уплатен придонес за месец ноември 2024 година. (Ако во ова поле има Корекција, детално ќе биде наведен описот на корекцијата. Ако во полето има Поврат, тоа означува поврат на придонеси, најчесто поради погрешно уплатени средства)
- Износ на придонесот кој е уплатен за месецот кој го гледаме во описот на трансакцијата.
Информациите за наплатените надоместоци и одредени поими за капитално финансирано пензиско осигурување (задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, придонес, принос, сметководствена единица и други поими) се вклучени на втората страна од Извештајот за пензиска заштеда, а од неодамна се достапни и на нашиот онлајн речник на пензиски поими.
Во овој дел од зелениот плик има и графички приказ што ја споредува состојбата на вашата сметка на почетокот и на крајот на периодот за кој е изработен извештајот, каде сликовито може да видите како се променила вашата заштеда со текот на времето.
Доколку со ова појаснување не успеавме доволно добро да го појасниме извештајот, секогаш можете да се обратите до вашето пензиско друштво или до МАПАС.
Пристап до вашата сметка онлајн
Во последниот дел од овој документ во зелениот плик се наоѓаат податоците за онлајн пристап до вашата лична сметка, каде што можете да ја следите вашата пензиска заштеда во секое време.
Со внесување на корисничко име и лозинка (кои ги добивате со извештајот), можете да:
- направите увид во деталниот извештај за вашата сметка,
- ги проверите и ажурирате личните податоци,
- го следите дневното движење на вредноста на сметководствената единица.
Преглед на инвестициско портфолио
Зелениот плик содржи и втор документ – информатор за управувањето со отворен задолжителен пензиски фонд. Овој извештај содржи податоци за вредноста и учеството на средствата на пензискиот фонд кои се инвестирани во различни финансиски инструменти заклучно со 31.12 претходната година.
Во извештајот јасно е прикажано:
- Колкав процент од средствата акумулирани во пензискиот фонд е вложен во секој од финансиските инструменти
- Износот на вкупниот имот на пензискиот фонд на крајот на годината за која се доставува извештајот.
- Имате графички приказ на структурата на вложувањата по валути и по држави, што треба да ви покаже како пензиското друштво ги управува ризиците од валутни промени
- Секој член на пензискиот фонд поседува пропорционален дел од овој износ зависно од висината на средствата со кои располага на сметката која е доставена до него.
- Секој член учествува во вложувањата во овие инструменти пропорционално на своите средства.
Пензиското друштво доставува и графички прикази за структурата на портфолиото по група на инструменти и по држава, графички приказ на сметководствената единица, податоци за трансакциони провизии кои ги платиле за управувањето со средствата на пензискиот фонд, надоместоците кои ги наплатува пензиското друштво, како и остварениот принос на пензискиот фонд.

Зошто е важно да ги прочитате извештаите во зелениот плик?
Затоа што вие сте сопственик на вашата пензиска заштеда.
Овие извештаи ви овозможуваат јасен и транспарентен увид во тоа како растат вашите средства, кои надоместоци се наплатени, каков принос е остварен и каде се инвестирани вашите пари.
Со редовното читање на извештаите ќе ја следите вашата пензиска иднина, ќе ги разбирате движењата на пазарот и ќе имате можност да поставите прашања кога нешто не ви е јасно.
Тоа е најдобар начин да останете информирани и сигурни дека вашите пари работат за вас.
Проверете ги вашите податоци
За да бидете сигурни дека секоја година ќе го добивате зелениот плик, важно е вашите лични податоци да се точни и ажурирани.
Можете да ги проверите и ажурирате:
- онлајн преку вашата лична сметка,
- по телефон или по пошта,
- со посета на најблиската канцеларија на вашето пензиско друштво.
Зелениот плик е огледало на вашата финансиска стабилност во иднина. Отворете го, прочитајте го и бидете сигурни дека ја разбирате вашата пензиска заштеда.
Ако нешто не ви е јасно, вашето пензиско друштво секогаш е тука да ви помогне.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk