Skip to content
18.12.2025

Интервју: Инвестиции и развој на пазарот на капитал – улогата на пензиските фондови

Пензиските фондови имаат клучна улога во развојот на пазарот на капитал во Северна Македонија. Како долгорочни институционални инвеститори, тие не само што обезбедуваат финансиска сигурност за граѓаните, туку и придонесуваат кон економскиот раст преку насочување на капиталот во продуктивни сектори. 

Весна Стојановска, претседател на УО на КБ Прво пензиско друштво а.д Скопје и заменик претседател на Асоцијацијата на пензиски друштва за управување со пензиски фондови на РСМ, во интервју за Капитал зборуваше за тоа како инвестициите на пензиските средства го обликуваат домашниот и регионалниот финансиски пејзаж.

Во продолжение го пренесуваме целиот разговор:

Да започнеме со пошироката слика – на кој начин пензиските фондови придонесуваат за развојот на пазарот на капитал во Северна Македонија?

Пензиските фондови во Македонија опстојуваат веќе повеќе од две децении и во овој период се покажаа како значаен двигател за развојот на пазарот на капитал. Пензиските фондови, особено во првите години од нивното постоење, преку инвестиции во акции на домашни компании го поттикнаа заживувањето на домашниот пазар на капитал и ја зголемија активноста на Македонската берза.

Дополнително, придонесоа за зголемување на транспарентноста и довербата кај инвеститорите преку активно инвестирање во домашни инструменти, при што се придржуваа кон највисоки професионални и регулаторни стандарди.

Пензиските друштва беа и меѓу првите институционални инвеститори што ја отворија вратата кон странските пазари на капитал, поставувајќи стандарди за професионално управување, диверзификација и управување со ризик.

Истовремено, нивниот придонес не е ограничен само на инвестициите – тие активно учествуваат и во финансиската едукација на јавноста и на своите членови, со цел да се зголеми свеста и интересот на граѓаните за штедење и инвестирање на долг рок.

Од ваша перспектива, кои се најперспективните можности, а кои најголемите предизвици кога станува збор за инвестирањето на пензиските средства?

Во овој период сметам дека пензиските фондови во Македонија созреаја и пораснаа и тука не мислам само на средствата со кои управуваат истите, туку пред сѐ на нашиот институционален капацитет. Ова е предуслов за натамошен развој на системот на капитално финансирано пензиско осигурување и подобро искористување на пазарните потенцијали.

Фокусот е на креирање портфолија кои преку оптимална диверзификација обезбедуваат повисок принос во однос на ризикот на долг рок, соодветен на целите на фондовите и интересите на членовите.

Еден од поголемите предизвици е креирањето на портфолија прилагодени на возраста на членовите (од 16 до над 64 години), што би овозможило оптимален сооднос меѓу принос и ризик во различните фази на животот. Во таа насока, можноста за воведувањето на систем на мултифондови во иднина би претставувало значаен напредок: средствата на помладите членови би се насочувале кон подинамични инструменти со потенцијално повисок принос на долг рок, додека средствата на постарите би се инвестирале во инструменти со фиксна добивка и понизок ризик. Ова би обезбедило поголем вкупен принос во текот на работниот век, при намален ризик од волатилност пред пензионирање.

Сигурноста е од суштинско значење за штедачите во пензискиот систем. Како го балансирате долгорочниот принос со внимателното управување со ризиците?

Балансот помеѓу долгорочниот принос и управувањето со ризиците се постигнува преку оптимална диверзификација на портфолиото, која вклучува инвестиции во инструменти со фиксна добивка (како државни обврзници и депозити) и инструменти со варијабилен принос (акции, ETF-и и домашни инвестициски фондови). Оваа комбинација овозможува добро балансиран однос меѓу ризикот и приносот – инструментите со фиксен приход обезбедуваат стабилен доход и заштита на капиталот, додека инструментите со варијабилен приход носат потенцијал за повисок принос на долг рок. Дополнително, континуираното следење на пазарните услови, резултатите на компаниите и макроекономските движења како и континуираното управување со ризиците овозможува соодветно прилагодување на портфолиото на фондовите, со цел да се обезбеди стабилен принос и заштита на средствата на членовите.

Конференцијата ги обедини клучните чинители од индустријата. Дали издвојувате некои идеи или препораки што би можеле да влијаат врз идните стратегии за инвестирање на пензиските фондови?

На конференцијата навистина можевме да слушнеме добри идеи, како и искуства од понапредните системи.

Ако треба да издвојам што е тоа што треба да го обликува понатамошниот развој на системот, пред сè би го посочила преминот кон мулти-фондови. Како што споменав, тоа ќе ни овозможи да понудиме инвестициско портфолио кое е целосно прилагодено на возраста на секој член поединечно.

Дополнително, голем број на држави воведуваат различни стимули, како даночните олеснувања, за да се раздвижи инвестирањето во доброволните пензиски фондови и на тој начин да се обезбедат повеќе средства за безгрижни пензионерски денови. 

Особено интересен сегмент беа искуствата на држави каде пензиските фондови дел од средствата го насочуваат кон алтернативни инвестиции, пред сè приватен капитал (private equity) и приватен долг (private debt). Овие вложувања создаваат двоен бенефит: од една страна им обезбедуваат на компаниите капитал за раст, модернизација и иновации, а од друга страна, за пензиските фондови отвораат можност за повисоки и релативно стабилни приноси на долг рок. Затоа сметам дека во иднина треба сериозно да се размислува за проширување на законските можности за вложување во ваков тип инструменти, секако со јасно дефинирани рамки.

Сите овие идеи заслужуваат внимателна и сериозна анализа, за да се утврди кои и на кој начин можат да се применат во нашиот систем. Верувам дека имплементација на дел од истите  би создала дополнителна вредност за членовите на пензиските фондови – преку повисоки приноси, поголема сигурност и пофлексибилни можности за пензиско штедење.

Глобалните трендови често ги обликуваат локалните одлуки. Како меѓународните искуства и најдобрите практики влијаат врз инвестиционите стратегии на македонските пензиски фондови?

Ние како друштво, а верувам и останатите колеги од индустријата, континуирано го држиме пулсот на глобалните трендови бидејќи тие неизбежно ги диктираат насоките. Тоа го правиме многу активно – нашите тимови се редовно присутни на најзначајните европски инвестициски форуми и постојано вложуваме во нивна доедукација.

Сметам дека успеваме да бидеме во чекор со светските стандарди, што се гледа преку раната примена на иновативни финансиски инструменти како што се ETF-те, кои ги воведовме пред повеќе од 15 години, потоа интеграцијата на концептот на одговорно (ESG) инвестирање во нашите портфолија со што потврдуваме нашиот ангажман да применуваме современи и одржливи практики кои носат долгогодишна вредност за членовите итн.

Сепак, не преземаме сè по автоматизам. Нашиот филтер е јасен: сè она што е применливо и компатибилно со домашната регулатива, а проценуваме дека ќе придонесе за одржливо инвестирање и ќе донесе поголема долгорочна вредност за идните пензионери, го имплементираме во нашите стратегии.

Дали факторите на ESG се дел од пристапот кон инвестирањето?

Дефинитивно. Факторите на ЕСГ (еколошки, социјални и корпоративно управување) сѐ повеќе се интегрираат во инвестициските стратегии како важен критериум за одржливост и одговорно инвестирање.

Оваа глобална пракса е веќе длабоко интегрирана и во нашиот пристап. Би сакала да го истакнам примерот на фондовите со кои управува КБ Прво пензиско друштво: Во 2021 година проактивно го воведовме концептот на одговорно (ESG) инвестирање. Тогаш трансформиравме дел од нашето портфолио, во насока на задоволување на ESG таргет базиран на внимателно избран ESG репер.

Со оваа одлука, ние бевме пионери не само на домашниот пазар, туку и во регионот, кои применија ваков одговорен и стратешки пристап кон инвестирањето.

Применувањето на ESG пристапот не го ограничуваме само во делот на инвестирањето, туку се трудиме да го интегрираме во целокупното наше работење. Како пример за оваа посветеност, го издвојуваме проектот „Замени-Засади“.

Какви иновации или промени се предвидуваат во следната деценија во областа на пензиските инвестиции?

Живееме во период на брзи технолошки промени, поттикнати со развојот на вештачката интелегенција. Ова ќе донесе значителни промени и во областа на пензиските инвестиции и тоа од една страна преку поголема диверзификација, со воведување нови инструменти, теми и класи на средства, а од друга страна употреба на нови технологии, и на тој начин ќе овозможи автоматизација на процесите, напредна анализа и управување со портфолијата на фондовите.

Сепак, ние имаме внимателен и одговорен пристап кон овие промени. Технологијата ја користиме исклучиво како алатка за ефикасност и сигурност, притоа осигурувајќи дека секоја нова стратегија или иновација е детално анализирана и имплементирана исклучиво во најдобар долгорочен интерес на нашите членови.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229