Skip to content
24.12.2025

Финансиски совети што треба да ги знаеш

Декември е период кога сите правиме некакви листи: што да завршиме до крајот на годината, што сакаме да постигнеме во новата, на кои желби и цели сакаме да се посветиме. Токму затоа, сега е вистинско време да се потсетиме на една од најважните точки што треба да се најде високо на нашата листа – финансиската сигурност за иднината.

Со оглед на тоа дека секој вработен во Македонија има лична сметка во вториот пензиски столб, да се потсетиме што треба да знаеме за средствата што ги градиме со години. Експертите од нашите пензиски друштва издвојуваат неколку навистина корисни совети кои можат да ти помогнат подобро да разбереш како работи системот и што тоа значи за твојата иднина.

Годишниот пензиски извештај е најдобриот начин да ги следиш твоите средства

Како член на задолжителен пензиски фонд, еднаш годишно добиваш извештај од МАПАС или од своето пензиско друштво. Во него се гледа:

  • колку средства имаш во твојот фонд,
  • сите уплати и исплати од твојата лична сметка,
  • колкави биле приносите во текот на годината,
  • кои трошоци се наплатени,
  • каде се инвестирани пензиските заштеди на членовите на фондовите.

Овој извештај е најважниот документ за твојата пензиска заштеда и наједноставниот чекор што треба да го преземеш. Одвој време да го прочиташ. Следењето на извештаите не бара напредно финансиско познавање, но ако нешто не ти е јасно, твоето пензиско друштво ти стои на располагање за одговори на сите прашања.

Проверувај ја состојбата на сметката онлајн

Во извештајот што го добиваш со Зелениот плик стојат информации и за онлајн платформата на твоето пензиско друштво каде што можеш да се најавиш со корисничко име и ПИН и да видиш:

  • тековна состојба на сметката,
  • уплати по месеци,
  • остварени приноси,
  • да ги ажурираш личните податоци и сл.

Ова е најбрзиот начин да имаш увид во тоа колку растат твоите средства кој ти е достапен во секое време.

Научи што точно претставува вториот столб за тебе

Дел од вработените граѓани сè уште мислат дека вториот столб е некаква формалност со која се занимаваат работодавачите и државата. Но, тој е многу повеќе од тоа.

Вториот столб претставува твоја лична заштеда, која:

  • се уплаќа секој месец од дел од твојата бруто плата,
  • се инвестира според строго пропишани правила,
  • се чува на твоја индивидуална сметка,
  • е одвоена од имотот на пензиското друштво,
  • е под надзор на МАПАС и државата.

Тоа значи дека твоите средства се заштитени со повеќе нивоа на контрола и можат да се користат исклучиво за твојата лична пензија. Запомни, вториот столб не е „некаков државен систем“ – тој е твоја приватна пензиска заштеда.

Информирај се за опциите за исплата уште пред пензионирање

Кога ќе дојде време за пензија, средствата од вториот столб може да се користат на неколку законски дефинирани начини, од кои завиди како ќе се распредели твојата заштеда.

Штом ќе почнеш да се приближуваш до возраста за пензија, почни да се информираш и да се консултираш со твоето пензиско друштво кое има обврска да те информира за сите опции за исплата. Нема универзално решение што им одговара на сите – најдоброто решение се избира според индивидуалните потреби и услови.

Твоето пензиско друштво и МАПАС секогаш ќе ти помогнат да се информираш

Пензискиот систем е еден од најрегулираните системи во државата. Токму затоа е важно да знаеш дека:

  • секој член има право на информации,
  • секој проблем се решава формално и документирано,
  • секое прашање може да се постави директно до пензиското друштво,
  • МАПАС постојано надгледува дали сите обврски се извршуваат.

Следи ги извештаите и редовните објави на друштвата и МАПАС, поставувај прашања, побарај совет како да си обезбедиш стабилна иднина. Комуницирај отворено со оние кои се надлежни за твојата пензиска заштеда. Имаш право и можност да добиеш точни и јасни информации.

Средствата за пензија не се трошок, напротив – тие се инвестиција за твојата иднина

Секој месец, со секоја уплата во вториот столб се гради твојата пензиска заштеда. Ако твојот работодавач нема пензиска шема за дополнителни уплати во третиот столб, разгледај ги можностите да уплаќаш за себе сума што можеш да ја издвојуваш на месечно ниво или одвреме-навреме кога имаш можност. Оваа инвестиција ќе ти обезбеди финансиска стабилност во годините кога најмногу ќе ти треба. Пензијата не се заработува на крајот од кариерата, таа се гради низ целата кариера.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk