• Која е разликата помеѓу првиот, вториот и третиот столб на пензиското осигурување?

    Пензискиот систем во Република Северна Македонија е составен од пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување, со што им се овозможува на граѓаните на Република Северна Македонија обезбедување материјална и социјална сигурност. 

    Структурата на повеќеслојниот пензиски систем се темели врз три вида (столба) на осигурување и тоа: 

    • Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб), 
    • Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб), 
    • Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб). 

     

    Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано, според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Овој столб функционира на принципот на дефинирани пензии, односно преку него се обезбедуваат пензии според однапред утврдена формула која зависи од висината на платите и годините на пензискиот стаж на осигуреникот.  

    Преку овој столб се обезбедува остварување на права од пензиското и инвалидското осигурување во случај на старост, инвалидност и смрт, што значи дека се исплаќа дел од старосната пензија, потоа  инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија. 

    Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци што ги остварува секое лице засновани на пазарните законитости.  

    Имено, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се додава (акумулира) на средствата на индивидуалните сметки. 

    Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) исто така е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Значајно за ова осигурување е што во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат повисок обем на материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.

  • Како јас да си го одберам пензискиот фонд кој ќе се грижи за мојата пензија?

    Граѓаните кои првпат се вработуваат по 1 јануари 2019 година и на датумот на вработување се помлади од 40 години, стануваат членови во задолжителниот пензиски фонд. Работодавецот уплаќа придонеси во висина од 18,8% од бруто платата, од кои 12,8% остануваат во првиот столб , а 6% од нив префрлуваат на пензиска сметка во задолжителниот пензиски фонд (втор столб). 

    Веднаш по вработувањето, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ) по случаен избор ги распределува членовите во еден од трите задолжителни пензиски фондови управувани од пензиските друштва. 

    Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) е должна писмено да ги информира граѓаните дека во рок од 90 дена од датумот на вработувањето имаат право да изберат во кој пензиски фонд сакаат да членуваат.. Во овој рок граѓаните имаат можност да се зачленат во одреден пензиски фонд со склучување договор за членство со агент од избраното пензиското друштво. 

    Граѓаните кои нема да изберат задолжителен пензиски фонд во дадениот рок од 90дена, по истекот на тој рок остануваат членови во пензискиот фонд во кој биле распределени претходно по случаен избор. 

    Граѓаните кои ќе станат трајно распределени во одреден задолжителен пензиски фонд ќе добијат писмено известување од страна на Друштво кое управува со тој фонд, со информации за нивните права и обврски од членувањето. 

  • Дали и како јас бирам од кој пензиски фонд ќе бидам дел?

    Член на одреден задолжителен пензиски фонд може слободно да премине и да се зачлени во друг задолжителен пензиски фонд. За да се направи таа промена, треба да потпише договор за премин со Друштвото кое управува со тој фонд и да се потпише изјава за согласност за премин.  

    Надоместок за премин од еден во друг задолжителен пензиски фонд се плаќа кога членот е дел од постоечкиот задолжителен пензиски фонд пократко или еднакво на 2 години (720 дена). Доколку периодот на членство е подолг од 720 дена, преминот е бесплатен. 

  • Во кои случаеви се прават исклучоци?

    Осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, и осигурениците од Глава VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови, не се опфаќаат во вториот пензиски столб, доколку имаат навршен стаж на осигурување со зголемено траење кој овозможува намалување на старосната граница за остварување право на старосна пензија за најмалку една година. 

    Осигурениците кои во текот на осигурувањето ќе добијат својство на осигуреник како индивидуален земјоделец, физички лица кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари или во текот на осигурувањето им се утврди стаж на осигурување со зголемено траење, престануваат да бидат членови во вториот пензиски столб. 

    Осигурениците кои се во работен однос или самовработени лица со полно работно време и за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонеси од задолжителното социјално осигурување согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за периодот за којшто се ослободени од плаќање на придонесите. 

     

  • Како да се зачленам?

    Зачленувањето во одреден пензиски фонд може да го направиш на следните начини: 

    Со посета на продажните места на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје или со закажување на средба со агент на избраното Друштво на следните телефонски броеви: 

    Сава пензиско друштво а.д Скопје: 02/15500 

    КБ Прво пензиско друштво АД Скопје: 02 /32 43 777 

    Триглав пензиско друштво АД Скопје: 02/ 5102 190 

  • Каде сè се инвестираат средствата од вториот пензиски столб?

    Вториот пензиски столб инвестира во најуспешните светски компании. На домашниот пазар на капитал, пензиските друштва се еден од најголемите инвеститори, при што фондовите се стекнуваат со значајно учество во сопственичката структура на македонските блу-чип компании кои остваруваат добивка, инвестираат во своите средства со цел раст на продажбите во иднина и дистрибуираат дел од својата добивка во форма на дивиденда. 

    На странските пазари, средствата на пензиските фондови се инвестираат во акции и обврзници на профитабилни компании кои доаѓаат од земјите на Европската Унија и ОЕЦД, со висок кредитен рејтинг и пазарна капитализација. 

  • Зошто секоја година добивам „зелен плик“?

    Пензиските друштва се должни еднаш годишно, најдоцна до 31.03 во тековната година, до членови на пензиските фондови да го достават „зелениот плик“, односно извештајот за пензиската заштеда на нивната адреса за годината која изминала. 

    Членовите на пензиските фондови можат да изберат зелениот плик да го добиваат на електронска адреса која ја имаат доставено на својот пензиски фонд.. Посети некое од продажните места на пензиските друштва: Сава пензиско друштво а.д Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје и пополни формулар за да го добиваш годишниот извештај преку е – пошта. 

  • Што точно претставува извештајот за пензиска заштеда?

    Извештајот за пензиската заштеда (Зелен плик) е приказ на состојбата на твојата индивидуална сметка во пензискиот фонд преку сметководствени единици. На пример: 

    Доколку имаш уплата од 1.000 денари како придонес, по пресметка на влезна провизија од твоето Друштво (во моментот влезната провизија е 2%) ќе се добие нето уплата од 980 МКД. Нето уплатата се конвертира во сметководствени единици на датумот на уплата. 

    Доколку вредноста на сметководствената единица на датумот на уплата е 100 МКД, тоа значи дека имаш 9,80 сметководствени единици. Секој осигуреник за време на својот работен век собира сметководствени единици кои служат за пресметка на состојбата на неговата пензиска сметка и од чија вредност ќе зависи висината на пензијата. 

    По извесно време, доколку сметководствената единица се зголеми на 110 МКД, состојбата на твојата сметка ќе изнесува 1.087 МКД (9,80*110=1.087 МКД). 

  • Како да ги ажурирам моите лични податоци?

    Со цел навремено и редовно добивање на зелениот плик со извештајот за твојата пензиска заштеда, од особена важност е навреме да ги ажурираш твоите лични податоци. 

    Ажурирањето на податоците може да го направиш на следните начини: 

    Електронско ажурирање преку интернет страницата на твоето Друштво со пристап до твојата лична сметка. Најави се на веб-страницата на твоето пензиско друштво со твојата лична сметка, корисничко име и лозинка кои ти се доставени во рамките на годишниот извештај и внеси ги промените на податоците. Повеќе информации на: Сава пензиско друштво а.д Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје. 

    Ажурирање на податоци по писмен пат – треба да го посетиш продажното место на твоето пензиско друштво и да пополниш барање за корекција на личните податоци во присуство на овластено лице на Друштвото. 

    Ажурирање на податоци преку достава на пополнето барање по пошта. Пополнетото барање треба да го испратиш до твоето пензиско друштво, а потоа Друштвото телефонски ќе те контактира за да го утврди идентитетот, при што телефонскиот разговор ќе се снима. 

    Ажурирање на податоци со телефонски повик до твоето пензиско друштво. 

    Сава пензиско друштво а.д Скопје: 02/15500 

    КБ Прво пензиско друштво АД Скопје: 02 /32 43 777 

    Триглав пензиско друштво АД Скопје: 02/ 5102 190 

  • Кога можам да ги користам средствата од задолжителен и доброволен пензиски фонд?

    Кога член на задолжителниот пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се искористи целиот износ на акумулираните средства на неговата сметка, со право на личен избор на членот, за избор на следниве пензиски модалитети: а) програмирани повлекувања обезбедени од пензиското друштво; б) привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет; в) доживотен непосреден ануитет кој ќе се исплатува од друштвата за животно осигурување (исплатата на ануитетите ќе се применува откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисници на пензија).

    Право на исплата на пензиски надоместок од Трет столб се овозможува најрано десет години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија, што во општ случај значи на возраст од 52 години за жена, односно 54 години за маж.

    Средствата на индивидуална/професионална сметка по индивидуален избор, можат да бидат исплатени во вид на:
    ∙ програмирани повлекувања,
    ∙ ануитети,
    ∙ еднократни исплати,
    ∙ повеќекратни исплати или
    ∙ комбинација од претходно наведените видови на исплати.
    Пензиските надоместоци подлежат на оданочување со персонален данок на доход во согласност со Законот за данок на личен доход.