Skip to content
11.11.2025

Асоцијација на пензиски друштва – нова платформа за унапредување на пензискиот систем

Во изминатите години пензиските фондови бележат стабилен раст и сè поголема улога во обезбедувањето долгорочна финансиска сигурност за граѓаните.

Во насока на понатамошно унапредување на оваа дејност, нашите три друштва Триглав пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ја формираа Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија – доброволна, непрофитабилна организација чија мисија е да придонесе кон развој, професионализација и поголема транспарентност на пензискиот систем.

По повод првиот јавен настан на оваа организација, Меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, посветена на современите предизвици и идни насоки во пензискиот сектор, споделуваме интервју со претставници на Асоцијацијата за целите, плановите и значењето на ова здружување за граѓаните и за економијата во целина.

Во продолжение разговараме со:

Маријан Николовски, Член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје и Претседател на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија

Весна Стојановска, Претседател и Член на Управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Заменик претседател на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија

Д-р Петар Талески, Член на Управен одбор во Сава пензиско друштво АД Скопје и Генерален секретар на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија

Што беше главниот мотив за формирање на Асоцијацијата? Како ја гледате нејзината улога во пензискиот систем – како едукативен форум или платформа за развој на индустријата?

Д-р Петар Талески: Главниот мотив за формирање на Асоцијацијата беше утврдената потреба од институционална платформа која би ги обединила пензиските друштва во насока на заеднички придонес кон развој на капитално финансираниот пензиски систем. Асоцијацијата има за цел да ја зголеми свесноста за значењето на пензиската акумулација во контекст на демографските предизвици, да поттикне професионалност и да промовира високи етички стандарди во индустријата.

Нејзината улога ја гледаме како двојна:

  • Едукативен форум, кој ќе ја подигне јавната свест за значењето на капитално финансираното пензиско осигурување, преку обуки, конференции и кампањи за финансиска писменост.
  • Индустриска платформа за развој, која ќе иницира подобрувања во законската и регулаторната рамка, ќе поттикнува иновации и ќе работи на усогласување со најдобрите меѓународни практики.

Со ова, Асоцијацијата треба да стане мост меѓу индустријата, регулаторите и граѓаните, придонесувајќи кон стабилен, транспарентен и одржлив пензиски систем.

Како Асоцијацијата ќе придонесе за зголемување на довербата на граѓаните и развојот на професионални стандарди во пензискиот систем?

Д-р Петар Талески: Довербата се гради преку стабилност, транспарентност и професионализам. Асоцијацијата има за цел да придонесе кон зголемување на довербата преку:

  • Јакнење на транспарентноста и комуникацијата: редовно информирање на јавноста за резултатите и придобивките од пензискиот систем, објавување на анализи и иницирање јавни дебати.
  • Подобрување на финансиската писменост: преку кампањи, дигитални алатки и едукативни настани, ќе им помогнеме на граѓаните да донесуваат информирани одлуки.
  • Развој на професионални и етички стандарди: преку усогласување на практиките меѓу членовите, воведување кодекси на етика и промовирање на ESG принципи во управувањето со средствата.

Асоцијацијата ќе настојува да промовира квалитет и одговорност, придонесувајќи кон долгорочна сигурност и стабилност на пензискиот систем.

На кој начин ќе ги усогласувате ставовите меѓу членовите, регулаторите и државните институции?

Д-р Петар Талески: Асоцијацијата ќе делува како инклузивна и професионална платформа за дијалог, со цел да се обезбеди усогласеност и стабилност во системот преку:

  • Отворена размена на мислења, предлози, знаења и искуства: со учество на пензиските друштва, регулаторни тела, државни институции и академската заедница.
  • Заеднички анализи и препораки: со заклучоци базирани на податоци, меѓународни искуства и потребите на пазарот, со цел подобрување на регулативата.
  • Консултативен процес: пред секоја иницијатива, ќе се организираат консултации за да се обезбеди транспарентност и поддршка од сите засегнати страни.

Целта е да се создаде партнерски однос заснован на аргументи, професионалност и заеднички интерес – стабилен, одржлив, отпорен и траспарентен пензиски систем.

Првата конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“ е првиот јавен настан на Асоцијацијата. Што е главната порака што сакате да ја испратите преку овој настан?

Весна Стојановска: Оваа година, во земјава се одбележува една од најзначајните реформи, кога станува збор за пензиско осигурување. Имено се навршуваат 20 години од воведувањето на тростолбниот пензиски систем. Токму јубилејот ја поттикна и идејата за организирање на меѓународна конференција, која воедно е и првиот јавен настан на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија, која се формираше оваа година.

Конференцијата е со наслов Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“.

Тоа е всушност и главната порака која сакавме да ја упатиме. Рефомата се спроведе, со цел креирање на одржлив систем за капитално финасирано пензиско осигурување, одржлив на долг рок, кој истовремено ќе биде и синоним за стабилност, транспарентно работење, носејќи сигурност за сегашните и идните пензионери.

Постојано адаптирање и следење на меѓународни искуства, е начин да се осигура дека самата реформа не е еднократен процес, туку континуиран, кој бара активна инволвираност на сите активни учесници во оваа област. Затоа преку овој настан на едно место ја обединуваме експертската јавност од земјата и странство, со порака дека нашиот пензиски систем се развива во чекор со светските практики, и граѓаните може да имаат целосна доверба во институциите.

Која ќе биде главната содржина и фокус на панелите, и за кого е всушност наменета конференцијата?

Весна Стојановска: Преку четири панел дискусии предвидено е да се опфатат различни теми поврзани со досегашните резултати кои ги донесе реформата, улогата на пензиските друштва, до идни насоки и следење на светски практики во областа.

Фокусот ќе биде на дваесетгодишниот јубилеј, што донесе имплементација на капитално финасираното пензиско осигурување за индивидуалците, за системот, за државата. Што научивме изминатите две децении, со какви предизвици се соочивме.

Ќе се осврнеме и на значењето на демографските фактори, како една од причините за реформата, воедно анализирајќи ја и моменталната законска регулатива.

Паралелно ќе бидат разменети меѓународни искуства за инвестициските можности, вклучување на мултифондови, регулацијата на инвестициските портфолија, исплатите и слично. Со анализа на меѓународни примери, разгледување на нивните најдобри практики, укажувањето на можните недостатоци, ќе овозможиме поефикасна имплементација на нови практики во начинот на фукционирање на пензискиот ситем во земјава.

Како вакви настани ја зајакнуваат професионалната заедница и придонесуваат кон развојот на пензиските фондови кај нас?

Маријан Николовски: Ваквите конференции се повеќе од професионални собири – тие се двигател на еволуцијата на пензискиот систем и катализатор на позитивни промени во системот. Преку размена на идеи, аналитички согледувања и најдобри меѓународни практики, професионалната заедница ја зацврстува својата компетентност и ја гради културата на континуиран развој.

Настаните од ваков тип овозможуваат воспоставување мостови помеѓу академската заедница, регулаторните тела, друштвата за управување со пензиски фондови и јавноста. Оваа синергија создава подлога за подобро разбирање на капитално финансираното пензиско осигурување и неговата суштинска улога во економската стабилност на државата. На тој начин се гради доверба во системот, се зголемува финансиската писменост на населението и се стимулира одговорен пристап кон личната пензиска иднина.

Кои ќе бидат вашите приоритетни активности за следниот период? Дали планирате да работите на иницијативи за унапредување на законската рамка и соработка со институциите?

Маријан Николовски: Нашите приоритети за претстојниот период се фокусирани на три столба: унапредување на регулаторната рамка, подигање на професионалните стандарди и интензивирање на институционалната соработка. Веруваме дека модерниот пензиски систем мора да се развива со постојано усогласување со европските и глобалните трендови, но секогаш водејќи сметка за локалниот контекст и потребите на нашите членови.

Асоцијацијата активно ќе работи на иницијативи за прецизно и сеопфатно уредување на законодавството со цел зголемена транспарентност, ефикасност и заштита на интересите на осигурениците. Ќе продолжиме да ја негуваме партнерската соработка со МАПАС, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност и другите релевантни институции, но и да ја засилиме комуникацијата со јавноста преку едукативни кампањи и јавни трибини.

Веруваме дека со соодветна поддршка и иновативен пристап, можеме да создадеме уште подинамичен и стабилен пензиски пазар кој ќе ја гарантира долгорочната финансиска сигурност на граѓаните.

Како ја гледате Асоцијацијата во следните пет години? Кои резултати би сакале да ги постигнете?

Маријан Николовски: Во годините што следат, од мое лично име и сигурен сум дека колегите ќе се сложат, ја гледам Асоцијацијата како стратешки лидер и двигател на развојот на пензискиот систем во Северна Македонија во целина. Нашата визија е да ја позиционираме Асоцијацијата како кредибилен и влијателен фактор во создавањето на одржлив, инклузивен и иновативен пензиски систем, кој ќе биде пример за професионализам и интегритет.

Очекуваме да постигнеме поголема интеграција со европските асоцијации и здруженија од нашиот домен на делување и да воспоставиме повисоки стандарди на транспарентност и управување. Дополнително, ќе се стремиме кон зголемување на свеста кај граѓаните за значењето на долгорочната штедна култура, затоа што стабилниот пензиски систем не е само економска категорија – тој е темел на меѓугенерациската солидарност и социјалната сигурност.

Нашата крајна цел е едноставна, но суштинска: преку знаење, етика и визија, да придонесеме кон систем кој ќе обезбеди достоинствена пензија и сигурна иднина за секој наш граѓанин.

Весна Стојановска: Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија e активен учесник и кредибилен партнер во креирањето на одржлив, стабилен и транспарентен пензиски ситем, во земјава, чии активности ќе бидат насочени кон заштита на интересите на членовите и пензионираните членови.

Преку поттикнување на имплементацијата на европските правила и стандарди, перманентно функционално образование и иновација на знаењата на стручните кадри од дејноста и заеднички образовни програми и кампањи, континуирано ќе работиме секој член да ја разбере улогата во пензискиот ситем.

Истовремено, ќе преземеме чекори кон воспоставување на соработка со научни и стручни организации и институции во земјава и во странство, со цел развој и унапредување на капитално финансираното пензиско осигурување.

Воспоставување на меѓународни односи и јакнење на угледот на капитално финасираното пензиско осигурување во земјава и во странство, истовремено ќе биде во фокусот на нашето работење.

Ова се само дел од нашите зацртани цели.

Нивната имплементација ќе донесе јакнење на финансиската писменост кај општата популација и зголемување на свесноста за навремено и одговорно штедење, унапредување на процесот на работа на пензиските друштва преку иновации и дигитализација на процесите на работа, унапредување на знаењето на вработените, со цел за уште поголема доверба во системот и полесно совладување на сите можни предизвици.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk