Skip to content
29.01.2026

Интервју: Дигитален и транспарентен пензиски систем – искуства, придобивки и насоки за иднината

Македонскиот пензиски систем во континуитет се одликува со транспарентност и современ пристап кон управувањето со средствата на граѓаните. Ова е еден од клучните позитивни заклучоци од Меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, која се одржа на 12 ноември 2025 година во Скопје, со учество на истакнати домашни, регионални и меѓународни експерти.

Генералниот заклучок од конференцијата е јасен: иднината на пензиските системи бара заеднички ангажман на сите чинители и носители на одлуки, поголема информираност за финансиска едукација и навремена адаптација кон новите пазарни, демографски и технолошки предизвици. Од суштинска важност е овие процеси да бидат стратешки водени, со висока одговорност, за да се создадат долгорочни позитивни ефекти.

Во ова интервју, Татјана Бојковска, CFA, CAIA – член на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, говори за тоа како автоматизацијата и јасната регулаторна рамка го трансформираа секојдневното работење на пензиските друштва, како се гради довербата кај граѓаните и како се одржуваат високи етички стандарди во индустријата. Таа објаснува и како овие иновации обезбедуваат сигурност и долгорочна одржливост на средствата на граѓаните, што претставува значаен капитал наменет за иднината.

1. Колку транспарентноста е важен фактор за довербата на граѓаните во пензискиот систем?

Транспарентноста е еден од темелите за градење доверба во пензискиот систем. Кога граѓаните имаат пристап до јасни информации за функционирањето на системот, за правилата, обврските, но и за придобивките и трошоците, драстично се намалува несигурноста која пред сè произлегува од стравот од непознатото и неразбирливото.

Во интерес на секој поединец е да биде соодветно информиран за поставеноста на системот кој води кон стабилност и сигурност, но и за можностите за понатамошен развој кои дополнително треба да ја зајакнат сигурноста на изворите на приход во т.н. златно доба. Редовното објавување на финансиски извештаи, релевантни информации, инвестициски стратегии и резултати, како и достапноста за одговори на сите прашања поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување, се основата за континуирано зајакнување на таа доверба.

Сепак, искуството покажува дека транспарентноста не значи само „суво“ објавување податоци, туку нивно објаснување на разбирлив, достапен и практичен начин. Свесни дека само така транспарентноста може да се претвори во вистинска доверба, пензиските друштва, и индивидуално и заеднички, вложуваат значајни напори за едукација на јавноста. Ова вклучува објави на социјални мрежи, едукативни блогови, кампањи за финансиска писменост и активности што директно ги ангажираат граѓаните.

Кога луѓето навистина разбираат како функционира системот, тие се чувствуваат повеќе вклучени, мотивирани и подготвени да преземат одговорност за сопствената иднина – преку ажурирање на податоците, информирано следење на индивидуалните салда и инвестирање во третиот столб. Транспарентноста поддржана од подобрена финансиска писменост е основа за доверба, а довербата е предуслов за стабилност на целиот пензиски систем. Без неа, дури и најдобриот модел може погрешно да биде перцепиран како несоодветен.

2. Како автоматизацијата и дигитализацијата ја олеснуваат работата на пензиските друштва и придонесуваат кон сигурноста на средствата?

Автоматизацијата и дигитализацијата се клучни двигатели за модернизацијата на пензиските друштва, носејќи двојна корист: поголема ефикасност и висок степен на сигурност. Важно е да се напомене дека дигиталната размена на податоци меѓу пензиските друштва и институциите функционира уште од самиот почеток на реформата, пред 20 години. Со оглед на обемот на податоци, тоа беше единствениот начин секојдневно да обработуваме информации за нови вработени, за уплатени придонеси за стотици илјади членови, да инвестираме на домашни и странски пазари, да добиваме дневни вреднувања на инвестициите и да ја пресметуваме и објавуваме вредноста на пензиските заштеди согласно регулаторните правила.

Денес, овие процеси ја зајакнуваат транспарентноста не само како регулаторна обврска, туку и како дел од нашата фидуцијарна одговорност и свесност за значењето на навремени и точни информации.

Клучните придобивки од автоматизацијата и дигитализацијата првенствено се одразуваат преку ефикасноста и олеснетата работа. Ова подразбира целосно автоматизирани процеси за прием на уплати, пресметка на придонеси и генерирање извештаи, со што се сведува ризикот од човечки грешки на минимум. Истовремено, преку интеграцијата со институциите се врши брза и точна автоматска размена на податоци со банките и државните органи. За членовите, пак, ова значи достапност на дигитални услуги, односно онлајн увид во состојбата на сметките и можност за ажурирање на личните податоци без потреба од физички посети.

Од аспект на сигурноста и заштитата, воспоставени се строги системски контроли и мониторинг кои вклучуваат автоматски аларми, двојни проверки и следливост на секој чекор. Применуваме напредна кибернетска безбедност со високо ниво на шифрирање за заштита на личните и финансиските податоци, а целосната дигитална трага обезбедува евиденција која овозможува брзи проверки и ефикасен надзор.

Автоматизацијата не само што го прави работењето побрзо и поефикасно, туку создава систем кој обезбедува највисоки стандарди на сигурност, точност и транспарентност за сите членови.

3. Какви практични придобивки имаат граѓаните од оваа транспарентност и модернизација?

Транспарентноста и дигитализацијата во пензискиот систем им носат на граѓаните јасни, директни и секојдневно применливи придобивки. Првенствено, тоа значи јасен и брз увид во пензиската заштеда. Граѓаните во секое време можат да ја проверат состојбата на својата сметка, начинот на инвестирање и остварениот принос, што директно ја зголемува довербата и ја намалува неизвесноста. Ова овозможува поголема контрола и подобри одлуки, бидејќи преку дигиталните алатки и редовните извештаи, членовите полесно планираат, одлучуваат дали да променат фонд, да вложат дополнително или да побараат совет.

Во практична смисла, граѓаните добиваат побрзи и поедноставени услуги кои ја намалуваат потребата од физички документи и чекање на шалтери. Наместо тоа, на располагање имаат ефикасни онлајн услуги за ажурирање податоци и електронска комуникација. Паралелно со тоа, дигиталните системи гарантираат подобра заштита на личните средства преку зголемена следливост, контрола и минимизирање на грешките.

Дополнително, јасните информации придонесуваат за поголема финансиска писменост, помагајќи им на граѓаните подобро да го разберат системот и да планираат долгорочно. Ваквите технолошки напредни институции создаваат зголемена доверба и чувство на сигурност за иднината.

Сите овие придобивки се подеднакво важни и придонесуваат за помалку стрес, повеќе транспарентност и суштинска контрола врз сопствената финансиска иднина.

4. Дали имате конкретни примери од поразвиените држави кои покажуваат во која насока треба да се движат промените?

Пензиските друштва во континуитет ги следат промените и подобрувањата кај поразвиените држави, кои одамна ги препознаа предизвиците наметнати од демографските трендови и соодветно воведоа капитално финансирани пензиски системи.

На глобално ниво, Mercer и CFA Institute секоја година објавуваат рангирање на пензиските системи во светот според повеќе критериуми на успешност, при што се забележува дека во континуитет најдобро котираат токму развиените држави со повеќестолбни пензиски системи. Како особено интересен заклучок од последното рангирање се издвојува податокот дека Хрватска, која има тростолбен пензиски систем сличен на нашиот, е повисоко рангирана од економски гиганти како Германија, каде стручната фела укажува на потребата од капитално финансиран пензиски систем, но и пред земји како САД, Шпанија, Австрија и Јапонија.

Оттука може да се заклучи дека основниот дизајн на системот што го имаме се покажа како соодветен, но истовремено постои значителен простор за унапредување преку примена на позитивните искуства од најуспешните пензиски модели. Ова првенствено се однесува на воведувањето мултифондови и, во перспектива, фондови дефинирани според возраста на членот (lifecycle funds), потоа внимателно проширување на инвестицискиот универзум и примена на современи алатки за управување со ризици. Дополнително, насоките за развој вклучуваат даночни поттикнувања за зголемување на заштедите во третиот столб, како и креирање на соодветни решенија за фазата на исплата на пензии. Токму за регионалните искуства на овие теми имавме можност да слушнеме и од истакнатите експерти од Хрватска и Бугарија кои беа дел од конференцијата.ија за фазата на исплата на пензии. Токму за регионалните искуства на овие теми имавме можност да слушнеме и од истакнатите експерти од Хрватска и Бугарија кои беа дел од конференцијата.

5. Кои позитивни примери од другите земји ќе бидат инспирација за следни цели во работењето на Асоцијацијата?

На конференцијата се отворија важни прашања кои го засегаат развојот на пензиските системи во регионот. Се споделија вредни искуства од различни земји, а фокусот беше ставен на потребата од соодветно унапредување на регулативата, особено во контекст на мултифондовите кои успешно функционираат во Хрватска. Овој модел се разгледува за воведување и кај нас, додека Бугарија е веќе на чекор пред имплементација.

Дополнително, беше истакнато дека финансиската писменост претставува предизвик не само за населението, туку и за бизнис секторот. Ова е особено важно бидејќи во нашиот регион сè уште доминира традиционалното убедување дека државата, преку приливите од придонеси, ќе обезбеди стабилна и сигурна пензија. За да се надмине ваквото размислување, пензиските друштва и МАПАС интензивно вложуваат во финансиска едукација, но и во развој на дигитализирани услуги кои ги следат современите трендови.

Меѓународните експерти истакнаа дека глобален тренд е преминувањето од системи со дефинирани исплати (DB) кон системи со дефинирани придонеси (DC), каков што е нашиот. Ова се должи на макроекономски фактори, потребата од поголема флексибилност и низа предизвици за кои се водат дискусии на високо ниво ширум светот. Се потенцираше потребата од адаптивна регулатива која се развива паралелно со институционалниот капацитет и довербата на учесниците, особено во нови или мали пазари, земајќи ги предвид ресурсите со кои располага системот, а кои во добар дел зависат од висината на пензиската акумулација во вториот и третиот столб.

На конференцијата се дискутираше и за исплатните механизми кои мора да бидат финансиски одржливи и социјално прифатливи, со јасни правила и опции кои ги штитат граѓаните од ризици поврзани со инфлацијата и надживувањето на заштедите.

Пензиските друштва располагаат со знаења и искуства кои ги ставаат на располагање за унапредување на капитално финансираното пензиско осигурување, секогаш постапувајќи согласно нивната фидуцијарна одговорност. Ова е во интерес на над 630 илјади членови на задолжителните и близу 36 илјади членови на доброволните фондови, како и на пензионираните членови. Асоцијацијата на пензиски друштва ќе има важна улога во поддршка на реформите и насочување на промените кон одржливи и долгорочни придобивки за членовите и за стабилноста на целиот пензиски систем.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk