Пензија за фриленсери?
Сè повеќе млади кај нас заработуваат преку хонорарна работа, странски проекти или remote соработки и тоа генерално поради слободата што ја нуди ваквиот начин на работа – самостоен избор на клиенти и задачи, флексибилно работно време и поголема контрола врз вреднувањето на својот труд.
Но, оваа слобода има и една друга страна – нема класичен работодавач кој секој месец уплаќапензиски придонеси. Тоа значи дека фриленсерите сами треба да се погрижат за својата идна финансиска стабилност.
На оваа потреба одговара третиот пензиски столб, како доброволна пензиска заштеда која им стои на располагање на фриленсерите, на вработените и на сите граѓани на возраст од 15 до 70 години кои сакаат да си обезбедат дополнителна финансиска сигурност.
Во Деновите на финансиска писменост со овој текст ќе дадеме мал придонес кон подобрувањето на знаењата за пензиското осигурување, тема која е од особена важност за сите нас.
Зошто на фриленсерите треба да им биде важна пензијата?
Кога нема формална плата и класичен работен однос, нема платени придонеси кои обезбедуваат финансиска заштита по завршување на работниот век.. Приходот може да биде променлив, некој месец одличен, друг послаб, а тоа ја прави иднината неизвесна ако не се планира на време.
И токму поради тоа , фриленсерите кои ја ценат слободата, имаат и најголема потреба да изградат сопствен систем на сигурност.
Што точно е третиот столб?
Третиот столб е доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Поедноставно кажано: тоа е начин секој човек сам да си гради заштеда за пензија, во пензиски фонд, во рамки на пензискиот систем.
Кој може да членува во третиот столб?
Член на третиот пензиски столб може да биде секое лице на возраст од 15 до 70 години. Тоа значи ученици, студенти, фриленсери, вработени, самостојни уметници, односно практично секој што сака самостојно да штеди за пензионерските денови.
Кој може да уплаќа?
- самото лице (фриленсерот, вработениот, граѓанинот),
- друго физичко лице во својство на уплаќач
- работодавач или здружение на граѓани преку професионална пензиска шема,
- родител/старател, ако се работи за сметка на малолетно лице.
Колку може да се уплаќа?
Нема пропишан минимален износ и динамика на уплата. Секој сам одлучува како ќе уплаќа:
- помал износ, но редовно,
- повремено, кога има повеќе работа и повисок приход,
- комбинирано – на пример, симболична месечна сума + поголема уплата кога ќе се заврши голем проект.
Кога може да се користат средствата?
Средствата од сметката во третиот пензиски столб може да се користат најрано 10 години пред возраста за старосна пензија, што во моментов значи околу 54 години за мажи и 52 за жени или порано, доколку настане и се утврди општа неспособност за работа.
Како се исплаќа заштедата?
Најчесто заштедата се исплаќа како еднократна исплата на целата сума од третиот столб, но законски постојат и други опции во комбинација со останатите столбови. За повеќе детали контактирајте едно од нашите друштва – КБ Прво пензиско друштво ад Скопје, Сава пензиско друштво ад Скопје или Триглав пензиско друштво ад Скопје.
Како третиот столб им помага на фриленсерите?
За фриленсерите, третиот столб е практично персонализирана пензија. Немаат обврски за уплата секој месец, членството не престанува ако не се уплаќа некое време, заштедата се инвестира и расте, а средствата се акумулираат на лична сметка, одвоена од имотот на пензиското друштво и се чуваат кај банка-чувар на имот, под надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС.
Овој механизам на штедење дава можност за издвојување средства што не го оптоваруваат месечниот животен стандард, а со годините создава сериозна заштеда.
Дали е од корист за младите вработени?
Покрај фриленсерите, третиот столб е подеднакво корисен и за млади вработени во компании. Преку придонесите веќе се гради нивната заштеда во вториот столб, а третиот столб им дозволува доброволно да додадат уште еден слој на сигурност, со износ и динамика по нивен избор. Исто така, работодавачот може да организира професионална пензиска шема и да уплаќа на нивна сметка.
Без разлика на возраста и типот на работен ангажман кој го имате во моментот, многу е важно да знаете кои се вашите можности, права и обврски во рамки на пензискиот систем, бидејќи се работи за вашата иднина.
Прочитајте ги одговорите на често поставуваните прашања, разгледајте го речникот на пензиски термини, контактирајте едно од нашите три пензиски друштва.
Пензијата не мора да биде нешто далечно и нејасно. Може да биде уште една паметна одлука што ќе ја донесете веднаш по првата заработка.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk