Skip to content
15.10.2025

Зошто е важно да ги разбираш пензиските термини?

Кога си млад, пензионирањето изгледа како нешто што ќе се случи во некоја многу далечна иднина. Но, токму затоа што изгледа толку далеку, многумина ја пропуштаат шансата да ги разберат пензиските концепти навреме.

Пензиската заштеда се гради сега, денес, од првото вработување, затоа што кога ќе дојде времето за пензионирање веќе нема да имаш можност многу да промениш. Со првото вработување доаѓа и првата одлука – во кое пензиско друштво сакаш да членуваш. Ако не ја донесеш таа одлука во рок од три месеци од вработувањето, автоматски ќе те распределат во едно од нашите пензиски друштва – КБ Прво пензиско друштво, Сава пензиско друштво или во Триглав пензиско друштво.

Штом ќе станеш член на пензиски фонд, 6% од твојата бруто плата секој месец се распределуваат на твоја лична сметка во твојот пензиски фонд (втор столб). Еднаш годишно ќе добиваш Зелен плик – писмо (во печатена или електронска форма) со извештај за средствата од твојата лична пензиска заштеда – каде се инвестирани, колку надоместоци се наплатени и каков принос е остварен.

Токму затоа велиме дека навремената едукација и сегашните информирани одлуки се првиот чекор кон сигурна иднина.

Како функционира нашиот пензиски систем?

Во Македонија постојат два задолжителни пензиски столба. Кога ќе се вработиш, твојот работодавач уплаќа придонеси во двата столба.

  • Првиот столб е државниот – тој се базира на меѓугенерациска солидарност. Односно, 12,8% од бруто платата на сегашните вработени одат во Фондот на ПИОСМ за исплата на пензии на сегашните пензионери, а за тебе се евидентира платен работен стаж во одредена висина.
  • Вториот столб е твоја лична пензиска сметка на која се префрлаат 6% од твојата бруто плата– мал дел од твојата сегашна плата, која е наменета за твојата иднина. Овие средства пензиските друштва ги инвестираат внимателно и контролирано за да расте вредноста на твојата заштеда низ годините.

Зошто треба да си во тек со пензиските термини?

Бидејќи системот функционира во твое име и за твоја корист. Колку порано разбереш што значат поимите како индивидуална сметка, придонес, принос, диверзификација и сл., толку полесно ќе можеш да го следиш и да го разбереш процесот низ кој се движат твоите средства.

Да ги разбереш пензиските термини не значи дека треба да станеш финансиски експерт. Тоа само значи да ги препознаваш основните поими и да знаеш што стои зад нив. На пример:

  • кога ќе слушнеш за втор столб, да знаеш дека тоа е твојата лична заштеда;
  • кога ќе слушнеш пензиско друштво, да знаеш дека тоа е институцијата што ги инвестира твоите средства;
  • кога ќе слушнеш пензиски фонд, да знаеш дека таму се собираат твоите придонеси и се зголемува нивната вредност.

Колку порано се информираш, толку повеќе можеш да влијаеш на тоа како ќе изгледа твојата финансиска сигурност. Затоа го создадовме и дигиталниот речник на пензиски термини – место каде што сè е објаснето на едноставен и разбирлив јазик, за да можеш навреме да почнеш да градиш стабилна иднина за себе.
 

Со мали чекори сега ќе направиш голема разлика во иднината.