Skip to content
10.12.2025

Интервју: 20 години реформиран пензиски систем – што постигнавме досега и што нѐ очекува понатаму?

Две децении по спроведувањето на пензиската реформа, Северна Македонија може да се пофали со пензиски систем кој е поставен на стабилни, модерни и одржливи основи кои обезбедуваат финансиската сигурност и за идните генерации. Она што започна како смела реформа, денес е целосно воспоставен модел, со јасни правила, силна регулаторна рамка и професионални друштва кои управуваат со средствата на граѓаните на транспарентен и одговорен начин.

Во овој разговор, м-р Маријан Николовски, Член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје и Претседател на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија ни ги доближува клучните достигнувања во изминатите 20 години, зборува за стабилноста и напредокот на системот, како и за тоа што следува во наредната декада – кои се новите предизвици, приоритетни активности и можности што ги носи иднината на пензиското осигурување.

Годинава одбележуваме значаен јубилеј од стартот на пензиската реформа. По ваше видување, кои се најважните позитивни промени во пензискиот систем во изминатите 20 години?

Од денешна перспектива, сметам дека најголемото достигнување е што успеавме да изградиме стабилен, транспарентен и одржлив тростолбен пензиски систем, кој во голема мера е усогласен со најдобрите меѓународни практики. Она што со сигурност можеме да го кажеме, а е од особено значење е фактот дека денес капитално финансираното пензиско осигурување, кое го претставува вториот и третиот столб на пензискиот систем ужива висока доверба кај граѓаните, а низ годините континуирано добива позитивни оценки и од релевантни меѓународни организации и институции.

Помеѓу позначајните резултати, врз основа на  кои може да се гради уште посигурна иднина, би ги издвоил:

  • континуираниот раст на средствата под управување, што директно придонесува за јакнење на стабилноста и долгорочната одржливост на пензиските заштеди;
  • стабилна и прецизно дефинирана регулаторна рамка, која обезбедува високи стандарди на транспарентност и заштита на правата на членовите;
  • постојаниот напредок во стручноста и професионалниот пристап на пензиските друштва и нивните вработени; како и
  • значајното зголемување на довербата кај јавноста, што за мене претставува клучен индикатор за зрелоста на системот.

Според заклучоците од конференцијата, кои се главните предизвици со кои се соочува индустријата денес – кај нас и во светот?

Предизвиците со кои се соочуваме се во голема мера слични со оние на глобално ниво.

На прво место, демографските промени – стареењето на населението и намалувањето на работоспособниот дел од популацијата – кои вршат притисок врз сите современи пензиски системи.

Дополнително, економските и геополитичките неизвесности создаваат поголеми флуктуации на финансиските пазари, што бара внимателно, одговорно и диверзифицирано управување со средствата на пензиските фондови.

Кај нас, значаен предизвик е и подигнувањето на свеста за пензиското штедење како важен елемент од сеопфатната финансиска едукација и култура на живеење, за секој осигуреник да може да ја разбере вредноста на сопствената акумулација и оправданоста од раното започнување со дополнителни уплати на придонеси, како и редовно следење на состојбата и промените на своите пензиски сметки.

Воедно, дигитализацијата како современа појава, од една страна претставува огромна можност за унапредување на услугите, но истовремено бара и постојано вложување во безбедноста на податоците и модернизирање на процесите.

Сметате ли дека Асоцијацијата ќе придонесе за поголема стабилност и одржливост на системот во иднина?

Асоцијацијата претставува професионално тело, формирано од трите пензиски друштва кои управуваат со задолжителни и доброволни пензиски фондови, со цел да обезбеди подобра координација, посилен заеднички настап и повисоко ниво на квалитетот на легислативата и професионалните стандарди во рамките на капитално финансираното пензиско осигурување.

Оттука, нејзиниот придонес очекуваме да биде видлив од неколку аспекти:

  • подобра координација и размена на искуства помеѓу друштвата, што придонесува за повисок квалитет во управувањето со средствата;
  • активно учество во унапредување на регулативата, преку конструктивен дијалог со регулаторите и предлагање решенија што носат долгорочни придобивки;
  • зголемување на транспарентноста и заштитата на членовите, што е клучен предуслов за стабилен систем;
  • подигнување на јавната свест и едукација, со акцент на важноста на пензиската акумулација и долгорочното финансиско планирање.

На овој начин, Асоцијацијата ќе игра значајна активна, но и контролна улога во понатамошниот развој и зацврстување на системот.

Дали се планираат одредени новости од аспект на подобрување на услугите на пензиските друштва?

Да, секако, слободно можам да кажам дека веќе активно се работи на повеќе иницијативи насочени кон подобрување на корисничкото искуство и достапноста до услугите, како и предлози за измени во законската и подзаконската регулатива во насока на нејзино понатамошно усовршување и следење на трендовите, секако во насока на обезбедување на посигурни пензиски денови за секој иден корисник на пензии.

Меѓу активностите кои тековно се спроведуваат би ги истакнал следните:

  • понатамошна дигитализација, со цел побрз, полесен и посигурен пристап до сите релевантни информации;
  • јакнење на едукацијата, преку програми наменети за млади, нововработени лица кои штотуку се вклучуваат во системот на социјалното осигурување;
  • унапредување на транспарентноста, преку поконцизни, визуелно разбирливи и содржински јасни извештаи за приносите и состојбите на пензиските сметки;
  • развој на алатки за пензиско планирање, кои ќе им овозможат на граѓаните полесно и рационално да планираат, да имаат можност да ја пресметаат очекуваната  пензија и да се навремено подготвени за она што ги очекува во иднина.

Целта на овие иницијативи е да се создаде уште попристапен, пријателски настроен пензиски систем кој е ориентиран кон потребите на членовите на пензиските фондови.

Како ја гледате улогата на меѓународната соработка и размената на искуства во унапредувањето на домашниот пензиски систем?

Меѓународната соработка е од суштинско значење, бидејќи ни овозможува да ги следиме најдобрите практики, навремено да ги препознаваме трендовите, како и да ги применуваме решенијата што веќе се покажале како успешни во други пензиски системи надвор од нашата држава.

Преку активното учество на меѓународни конференции и соработката со останати асоцијации и работни групи добиваме можност да размениме знаење со земји кои имаат долгогодишно искуство во капитално финансираното пензиско осигурување. Овој вид на соработка ни помага во неколку аспекти меѓу кои би ги истакнал:

  • Можност за навремено интетификување  на нови потенцијалните ризици;
  • Воведување на современи и ефикасни стандарди ;
  • Подобрување на регулативата и практиките во управувањето;
  • Обезбедување на поголема заштита и сигурност за членовите.

На крај во овој контекст би завршил со следниот заклучок: „Нашата мисија е јасна, а таа е  да дадеме свој придонес во изградбата и одржувањето на поефикасен, постабилен и модерно уреден пензиски систем што ќе претставува додадена вредност во квалитетот на живеење како на сегашните, така и на идните генерации.“