Skip to content
27.08.2026

ЗОШТО СИГУРНАТА ПЕНЗИЈА СЕ ГРАДИ НА ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН СТОЛБ?

Финансиската иднина е клучен фактор за нашата стабилност и лична сигурност. Со таа цел, секој од нас бара повеќе решенија. Бараме да создадеме заштеди за нас и нашите поколенија, бараме повеќе начини да заштедиме и повеќе начини да создадеме сигурни извори за нашата иднина со што имаме повеќе простор за одлуки и поголема веројатност за стабилност.

Пензијата е фактор за кој размислуваме малку подоцна во животот, колку се посилни основите врз кои се гради, толку е поголема сигурноста што ја носи. Денес во напредниот западен свет, општествата се потпираат на современите пензиски системи и тоа преку развиени повеќестолбни пензиски системи, во кои различните механизми меѓусебно се надополнуваат со една заедничка цел, да обезбедат постабилна и попредвидлива финансиска иднина за граѓаните.

Повеќестолбниот пензиски систем во нашата држава се темели токму на овој принцип. Неговата цел не е да го замени државниот пензиски систем, туку да го надополни и зајакне. Наместо идната пензија да зависи од еден извор, овој модел овозможува таа да се гради преку повеќе извори што меѓусебно се надополнуваат и придонесуваат кон поголема финансиска стабилност и поголема предвидливост за пензионерските приходи.

Во таа структура, вториот пензиски столб има особено значајна улога. Тој овозможува дел од придонесите за пензиско осигурување да се евидентираат на индивидуална сметка на секој член и да се инвестираат согласно строго утврдени законски правила. На тој начин, секој член постепено создава лична пензиска заштеда, која се акумулира во текот на работниот век и претставува составен дел од неговата идна пензија.

Една од најголемите предности на овој модел е тоа што средствата се водат на име на секој еден член. Вредноста на средствата може континуирано да се следи, се до остварувањето на право на старосна пензија, а во случај на смрт се наследува од законските наследници. Овој функционален пристап обезбедува поголема транспарентност и сигурност, бидејќи секој член има јасен увид во својата пензиска заштеда и знае дека средствата што се акумулираат во текот на работниот век претставуваат сигурен дел од неговата идна финансиска сигурност.

Современите пензиски системи постојано се приспособуваат на демографските и економските промени. Продолжувањето на животниот век, стареењето на населението и промените на пазарот на труд се предизвици со кои се соочуваат речиси сите држави. Во такви услови, повеќестолбниот модел ја распределува тежината и ги минимизира ризиците, гарантирајќи дека пензискиот систем ќе остане одржлив и отпорен на долг рок.

Пензиското штедење е долгорочен процес, неговата вредност не може да се оценува само низ краткорочни економски движења или резултати во една година. Процесот на пензиско штедење е процес што трае со децении, при што секоја уплата претставува инвестиција во иднината, а времето е еден од најважните сојузници во создавањето вредност.

Ако денес имате 25 или 35 години, пензијата можеби изгледа далеку. Но, токму денес се создава вашата идна пензиска заштеда. Секоја издвоена сума, секоја година членство и секоја донесена информирана одлука се дел од процесот на градење на финансиската стабилност во периодот кога повеќе нема да работите.

Секако, секој пензиски систем треба постојано да се унапредува и да се приспособува на новите демографски и економски околности.  Од друга страна, реформите треба да бидат насочени кон негово зајакнување, но не и напуштање на принципите што обезбедуваат поголема сигурност за осигурениците.

Личната пензиска заштеда, распределбата на ризикот, долгорочното инвестирање и транспарентноста се придобивки што го прават вториот пензиски столб важен дел од современиот пензиски систем.

Кога зборуваме за вториот пензиски столб, не зборуваме само за еден механизам во рамките на пензискиот систем. Зборуваме за можност секој човек, покрај правата што ги обезбедува државниот пензиски систем, да гради сопствена финансиска сигурност за пензионерските години.

Првиот чекор кон поинформирана иднина е да знаете каде се наоѓа вашата пензиска заштеда и кои права ги имате како член на пензискиот систем. Контактирајте го вашето пензиско друштво за повеќе информации за вашето членство, можностите што ви стојат на располагање и следните чекори со кои можете поодговорно да ја планирате вашата финансиска иднина.

Бидејќи сигурната иднина се гради на повеќе темели.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk