Назад

Кој може да биде член на пензиските фондови?

Осигурениците кои прв пат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години, должни се да се зачленат и да плаќаат придонеси во задолжителен пензиски фонд (втор столб) по сопствен избор се додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија времено ги распределува овие осигуреници во задолжителен пензиски фонд од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС е должна писмено да ги информира времено распределените дека согласно Закон се должни да се зачленат во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Во овој рок времено распределените осигуреници имаат можност да изберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе се зачленат со склучување на договор за членство со агент на пензиското друштво кој управува со тој задолжителен пензиски фонд.

Времено распределените осигуреници кои нема да потпишат договор за членство во рок од три месеци од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, по истекот на тој рок, стануваат трајно распределени членови на задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.

Осигурениците кои ќе станат трајно распределени членови во задолжителен пензиски фонд ќе добијат писмено известување од страна на пензиското друштво во кое станале трајно распределен член со информации за нивните права и обврски од членувањето.

Исклучоци

Осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и осигурениците од Глава VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови, не се опфаќаат во вториот пензиски столб, доколку имаат навршен стаж на осигурување со зголемено траење кој овозможува намалување на старосната граница за остварување право на старосна пензија за најмалку една година.

Осигурениците кои во текот на осигурувањето ќе добијат својство на осигуреник како индивидуален земјоделец, физички лица кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари  престануваат да бидат членови во вториот пензиски столб.

Осигурениците кои се во работен однос или самовработени лица со полно работно време и за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за период за којшто е утврдено ослободувањето од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување.