Назад

Втор пензиски столб – оптимално решение за стабилен пензиски систем

Ако сте на самиот почеток од вашата кариера, пензионирањето може да ви изгледа како далечен концепт. Но, вистината е дека, македонскиот пензиски систем бара првите одлуки за вашата идна пензија да ги донесете уште при првото вработување. Времето за пензионирање ќе дојде многу поскоро отколку што мислите, а тогаш ќе ви биде многу важно колкава пензија ќе имате на располагање. Затоа треба навремено да се едуцирате за нашиот пензиски систем и да почнете да донесувате информирани одлуки.

Во Северна Македонија, пензискиот систем е структуриран во три столба, при што вториот столб е задолжителен систем специјално дизајниран да обезбеди ваши лични заштеди во пензија.

Што е вториот пензиски столб?

Вториот пензиски столб е дел од задолжителниот пензиски систем, односно задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Тој е воведен како комплементарен на првиот столб, кој функционира врз основа на генерациска солидарност. Првиот столб се потпира на моделот „Pay-As-You-Go“, што значи дека денешните работници придонесуваат за финансирање на пензиите на сегашните пензионери. Ова добро функционира кога има полна вработеност, но со стареењето на населението и променливата економска динамика, вториот столб е важна компонента во обезбедувањето финансиска сигурност за вашата иднина и за иднината на целиот пензиски систем.

Оттаму, сите коишто се по прв пат вработени од 01.01.2019 година на возраст до 40 години, се задолжителни членови во вториот пензиски столб. Дел од вашите пензиски придонеси, поточно 6% од вашата бруто плата, автоматски се насочуваат на вашата лична индивидуална сметка во приватен пензиски фонд по ваш избор. Првично ќе бидете распределени во некое од пензиските друштва по случаен избор. Во рок од три месеци од вашето вработување имате слобода да го изберете пензиското друштво кое ќе управува со вашите средства.

Како функционира вториот столб?

Придонесите на вашата сметка на вториот пензиски столб се активно инвестирани од професионални пензиски друштва во различни финансиски инструменти како што се државни обврзници, корпоративни обврзници или нискоризични инвестициски фондови. Целта е вашите заштеди да се зголемуваат со текот на времето, така што кога ќе се пензионирате, акумулираните средства заедно со повратот од овие инвестиции можат да обезбедат стабилен извор на приход.

Да поедноставиме, вашите заштеди во вториот столб се ваша лична сопственост. Ова е различно од првиот столб, каде што придонесите се здружуваат за поддршка на сите пензионери. Заштедените пари на вашата сметка од вториот столб се исклучиво за вас, а приносите од овие инвестиции ќе ја одредат големината на пензијата што ќе ја добиете кога ќе се пензионирате.

Што се случува кога ќе се пензионирате?

Кога ќе ја исполните возраста за пензионирање (64 години за мажи и 62 години за жени) и имате најмалку 15 години работно искуство, остварувате право на старосна пензија и ќе почнете да добивате пензиски бенефиции и од првиот и од вториот столб. Придонесите на вашата сметка од вториот столб ќе се комбинираат со државната пензија од првиот столб, обезбедувајќи поцврста финансиска основа за вашите пензионерски години.

При пензионирањето, имате можност да одлучите како сакате да ги искористите вашите акумулирани средства од вториот столб:

  • Програмирани повлекувања: Тие ви овозможуваат доживотно редовно да повлекувате одредена сума од вашите пензиски заштеди согласно актуарска математика и очекувано траење на живот, давајќи ви поголема флексибилност во управувањето со вашите пари.
  • Привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет: оваа опција ви овозможува првично да добивате стабилни плаќања од Вашето пензиско друштво, проследени со гарантиран доживотен приход подоцна од овластена институција за исплата на ануитети.
  • Купување на доживотен моментален ануитет: оваа опција нуди сигурен, доживотен прилив на приход.

Важно е да се напомене дека нема да имате пристап до парите на вашата сметка од вториот столб додека не се пензионирате, но тоа обезбедува вреден дополнителен слој на безбедност како дополнување на вашата пензија од првиот столб.

Зошто е важен за вас вториот столб?

Парите во вториот столб се ваш личен имот кој не може да биде предмет на извршување. Средствата се акумулираат во него за времетраењето на целиот ваш работен век и ќе растат согласно политиките на нивно инвестирање на вашето пензиско друштво. Овие средства се наследни и со тек на време ќе нараснат до износ кој треба да ви овозможи мирни пензионерски денови.

Од таа причина секоја ваша одлука за тоа каде сте член, кога ќе се префрлите со членство од еден во друг задолжителен фонд, кој пензиски моделитет ќе го одберете, секогаш носете ја целосно информирано и во контакт единствено со лиценцирани агенти на пензиските друштва.