Mbrapa

ЕДУКАТИВНИТЕ АКТИВНОСТИ НА „ЗАСАДИ ЖЕЛБА“СТИГНАА ДО ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“

Трите пензиски друштва Сава пензиско друштво АД Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје  и Триглав пензиско друштво АД Скопје денес го засадија тринаесеттиот пензиски парк на кампусот во рамки на Правниот факултет во Скопје, во рамки на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“.

Четвртото продолжение на кампањата годинава, освен 4 нови Пензиски паркови, носи и нови едукативни содржини за македонскиот пензиски систем и придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, преку онлајн и офлајн активности.

Во тек на денешниот настан пензиските друштва споделија вредни информации за предностите од развивање цврсти навики за штедење, донесување мудри финансиски одлуки и инвестирање во сопствената иднина. Како што истакнаа тие, ова се воедно и суштински аспекти на добро правно образование, каде што способноста да се размислува стратешки за долгорочните влијанија од денешните постапки е најважна.

Оттему, засадените дрвја, освен тоа што ќе го оплеменат просторот, ќе бидат и жива метафора за иднината на студентите дека секој чекор што тие го прават денес, во нивното студирање и во личното финансиско планирање, може да биде инвестиција во подобра иднина.

Во оваа прилика, со инспиративен говор се обрати и деканот на Правниот факултет, Проф. д-р Сашо Георгиевски.

„Ова е една од моите најубави задачи како декан, бидејќи се работи за една навистина прекрасна и благородна кампања поттикната од трите пензиски друштва, со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС. 

Кампања која дури и во својот назив има симболика – Засади желба, а животот го водат токму желбите и амбицијата. Тие се силите што нѐ тераат да почнеме од некаде, знаејќи каде одиме за да ги постигнеме целите кои сме ги зацртале.

Во овој случај наша цел е да ја унапредиме животната средина, за да го збогатиме нашето живеење, нашето работење, практично целата атмосфера во која функционираме. Ова е наш прв пензиски парк кој ќе го разубави нашиот двор со 15 садници и нова клупа“ – изјави професорот Георгиевски.

Од името на трите пензиски друштва на студентите им се обрати д-р Петар Талески, Член на Управниот одбор на Сава пензиско друштво АД Скопје.

„Ретко која активност е така благородна и има такво симболично, а од друга страна и реално влијание на околината како едноставното садење и на само едно дрвце.

Слично на ова, едноставната одлука да станете дел од некој пензиски фонд, да одвојувате на почеток и симболични износи, на долг рок значајно ќе влијае на вашата подобра иднина исто како што тоа ќе го направи и ова дрвце кога за 30-40 години ќе биде во својата полна сила и убавина.

Меѓутоа, за да дојдеме до тој момент, мора да се грижиме за тоа дрвце, да го одржуваме и чуваме, за да ја постигне својата вистинската големина и ефект на околината. Исто така, низ годините и вие ќе треба да се грижите за вашата пензиска заштеда, постепено да ја градите, секако заедно со стручните тимови на пензиските друштва.

Една позната изрека од финансискиот свет вели „Финансискиот мир не е стекнување работи. Тоа е учење да живеете со помалку отколку што заработувате, за да можете да вратите пари и да имате пари за инвестирање. Не можете да победите додека не го направите ова“ – Дејв Ремзи. Почнете навреме да живеете со помалку од што заработувате, одвојте дел од тоа за идната пензиска заштеда, а другиот дел инвестирајте го во други финансиски продукти, за да си обезбедите поубав живот и помирна старост“ – изјави д-р Талески.

По едукативните активности, претставниците на пензиските друштва заедно со студентите го засадија новиот Пензиски парк.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ се достапни на веб страницата www.penzija.mk 

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk