Назад

Главни одлики на пензискиот систем на РСМ

Пензискиот систем во РСМ се состои од три столба, и тоа:

Прв столб – систем за тековно финансирање, осигурување зо основна генерациска солидарност; 

Втор столб – задолжително капитално финансирано пензиско осигурување;

Трет столб – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Првиот столб се однесува на задолжителниот државен пензиски фонд кој функционира според принципот на генерациска солидарност, врз основа на тековно финансирање, што значи дека придонесите на тековните обврзници се користат за финансирање на пензиските надоместоци за тековните пензионери.

Овој столб функционира врз основа на дефинираните пензии, што значи дека износот на резервирањата за пензии се пресметува според претходно утврдена формула. Старосните, инвалидските, семејните и минималните пензиии се исплаќаат од првиот столб.

Сите тековно вработени уплаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во првиот столб. Имено, првиот столб се финансира врз тековна основа (PAYG), а тоа значи дека со придонесите од постојните осигуреници се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери.

Вториот и третиот столб се понови во системот и значат воспоставување капитално финансирано пензиско осигурување во кое се врши капитализација на уплатените придонеси на име и на сметка на членот.

Овие два столба функционираат врз принципот на т.н. дефинирани придонеси, односно кај нив однапред е определено нивото на придонеси што се уплаќа, додека пензијата се утврдува дополнително во зависност од акумулираниот износ.

Задачи и функции на пензиските системи

Пензиските системи имаат големa улога во општеството бидејќи обезбедуваат заштита на населението и економска стабилност на земјата. Основната задача на пензискиот систем е да овозможи исплата на акумулираните средства на вработените кога тие ќе ги исполнат законските услови за добивање статус пензионери.

Пензискиот систем е специфичен и тој мора да биде дизајниран според потребите на населението, односно да овозможува исполнување на следниве функции, и тоа:

· управување со пензиските фондови (менаџмент);

· прибирање придонеси и податоци, распоредување и контрола;

· управување со средствата, т.е. спроведување политика на инвестирање, избор на инвестиции, управување со портфолиото и управување со ризиците;

· администрирање, односно одржување база на податоци за членството, водење индивидуални сметки, ИТ системи, исплата на пензии, сметководство, човечки ресурси;

· чување на средствата, авторизација и порамнување (чувар);

· извршување трансакции (брокери);

· вреднување на средствата, односно пресметка на вредноста на нето средствата, пресметка на вредноста на сметководствената единица, откуп и ослободување од единици;

· усогласеност со регулативата, известување и објавување податоци и информации, т.е. извештаи за регулаторот, за поединци или други владини институции итн.