Како да го надминеш стравот од иднината
Ова не е текст за психолошко советување. Иако се базира на психолошки факти, оваа објава ја споделуваме со тебе за да ти дадеме практични насоки за справување со чувството на анксиозност за две важни теми кои нѐ засегаат сите нас, а се поврзани со иднината што нѐ очекува во подоцнежните години – финансиската сигурност и климатските промени.
Живееме во несигурно време и чувството на страв и вознемиреност за овие два аспекти од иднината се многу реални. Времето за пензија ќе си дојде природно, порано или подоцна. Тогаш финансиската стабилност и околината во којашто живееш ќе ти стануваат сѐ поважни, додека твојата способност да влијаеш на нив сѐ повеќе ќе се намалува.
Стравот од иднината создава сериозни проблеми
Кога гледаме сцени од климатски катастрофи на телевизија неизбежно е да почувствуваме длабока вознемиреност за нашата иднина и за иднината на нашите најблиски, што може да предизвика типични симптоми на анксиозност, како што се забрзување на отчукувањата на срцето или дишењето. Ова психолозите го нарекуваат „климатска анксиозност“.
Истиот ефект го имаат и вестите за реформиран пензиски систем, предизвикувајќи страв од промени на кои треба да се прилагодиме и да донесуваме одлуки различни од оние што сме ги слушале од нашите родители, баби и дедовци. Стравот од иднината често е придружен со чувства на тага и лутина, што пак може да влијае на расположението, однесувањето и размислувањето.
Како да се справиш со овие стравови?
Неизвесноста од она што те очекува во иднина може да предизвика дополнителен страв од погрешен избор, што ќе те наведе на уште подлабоко размислување кое само го продлабочува проблемот. Затоа, важно е да почнеш да преземаш конкретни чекори кон справување со твоите грижи.
1. Почни да планираш
Правењето листа на работи кои ќе почнеш да ги правиш за својата иднина само по себе делува смирувачки. Направи листа на аспектите на коишто можеш да дејствуваш, како што се распоределбата на буџетот со којшто располагаш и сумата што можеш да ја издвојуваш за штедење за деновите во пензија, како и алтернативните избори што можеш да ги направиш за да дадеш свој придонес во справување со климатските промени.
2. Направи промени кои ќе ти донесат решенија
Во согласност со твоите планови, почни да ги менуваш своите навики во правец на градење на заштеда во твојот пензиски фонд, градење на еколошки навики како рециклирање на отпадот од домаќинството или повеќе возење велосипед отколку автомобил. Сознанието дека правиш чекори за подобрување на твојата иднина ќе го ублажи чувството на беспомошност што доаѓа со климатската и финансиската анксиозност.
3. Стани дел од заедница со која делиш исти цели и вредности
Секој предизвик е полесен кога знаеш дека имаш тим за справување со него. Пронајди пријатели или колеги со кои заеднички ќе дејствуваш за одржлива иднина и контактирај ги пензиските друштва кои ќе ти помогнат да преземеш акција. Со заеднички напори и споделување на идеи и знаења можеме да направиме големи промени.
4. Поврзи се со природата
Почни да поминуваш повеќе време во природа. Ова ќе ти помогне да го разбистриш умот, да го намалиш чувството на анксиозност, да се увериш дека вреди да се бориш за природните убавини и да се потсетиш на фактот дека секое дрво што го гледаш некогаш било само мало семе. Така и твојата пензиска заштеда која може да ти делува малечка кога ќе ја „посадиш“, со тек на времето сѐ повеќе ќе расте и ќе ти носи сѐ поголемо чувство на сигурност.
5. Фокусирај се на решенијата наместо на проблемите
Многу е важно да се информираш за да можеш да дејствуваш. Но, претераната изложеност на вести за проблемите што те очекуваат од еколошки и финансиски аспект нема да ти помогне многу. Избери веродостојни извори на иформации за овие теми кои знаат да ти го објаснат проблемот, но истовремено нудат начини за нивно решавање, како што се пензиските друштва и здруженијата за сочувување на природата.
Од страв до мотивација
Со признавање на нашата климатска и финансиска вознемиреност и преземање чекори за нејзино решавање, можеме да ја претвориме во можност да научиме што можеме да направиме и да почнеме да го правиме тоа. Важно е да станеме свесни дека сè што правиме за да се избориме со овие предизвици ќе има голем ефект на долг рок.
Приклучи се на нашата кампања „Засади желба за одржлива иднина“ со која целиме кон поголема едукација и акција во правец на справување со финансиските и еколошките предизвици кои нѐ очекуваат. И не заборавај да ги поттикнеш другите да го сторат истото, не знаеш на кого ќе му биде од помош да дознае дека може да влијае на поубава иднина за себе и за околината.
Следи ги нашите активности на Фејсбук и Инстаграм и прочитај ги и другите едукативни објави.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk