Одговараме на вашите прашања – втор дел
Разбирањето на деталите поврзани со пензиските фондови и осигурувањето е клучно за финансиска сигурност. Затоа, по првиот дел одговори, продолжуваме да одговараме на вашите прашања кои ни ги поставивте преку дигиталниот формулар „Постави прашање до пензиските друштва“. Овој пат зборуваме на теми како наследувањето средства, условите за семејна пензија и што се случува со вашите пари во случај на стечај на пензиско друштво, со цел да обезбедиме јасни и корисни информации за сите аспекти на пензиското осигурување.
Дали можам да наследам средства што се уплаќани на трет столб?
Вашите средства во третиот столб се наследни. Ако нешто ви се случи, парите што сте ги заштедиле ќе одат кај вашите најблиски. И ако имате инвалидитет пред пензионирањето, ќе можете порано да пристапите до вашите средства, обезбедувајќи уште еден значаен приход. Повеќе информации за третиот пензиски столб може да најдете на овој линк.
Кои се условите за задржување на семејна пензија од починат родител?
Дете стекнува, односно користи право на семејна пензија: до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот.
Како дете на школување, во смисла на овој закон, се смета ученикот во основно училиште, училиште за средно образование, стручно, односно работно оспособување, студент на високообразовна установа и лицето на постдипломски студии додека имаат статус на ученик, односно студент според статутот на соодветната воспитно-образовна установа до навршување на 26 години живот.
За повеќе детали во врска со семејната пензија, можете да го погледнете Законот за ПИО особено поглавјето за Семејна пензија.
Не ми е јасен пензискиот план за правни лица…
Пензиски план за правни лица е можноста на формирање на професионална пензиска шема од страна на работодавач. Во неа може да учествуваат само лица кои се во редовен работен однос во компанијата којашто има формирано професионална пензиска шема.
Со организирање на пензиска шема во рамките на доброволниот пензиски фонд, компаниите можат да користат низа придобивки, како што се вклучување на производот во системот на наградување на вработените и користење на даночни поволности според Законот за данок од добивка.
Расходите по основ на уплатен придонес во доброволниот пензиски фонд во една календарска година се даночно признат расход од аспект на Данокот на добивка, во висина до две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Р.С.М.
Како можам да го заменам Зелениот плик со известување на email?
Доколку сте член на вториот пензиски столб можете да изберете полесен и подобар начин за комплетен увид на средствата на вашата индивидуална сметка, односно да го добивате вашиот извештај на е-маил, и тоа со едноставно пополнување на Формулар за известување на член по пат на електронска пошта кој треба да го доставите до вашето пензиско друштво.
Начинот на добивање извештај за состојбата на средствата на индивидуалната сметка може да го замените и со телефонско јавување во пензиското друштво во чијшто фонд членувате.
Што ќе се случи со моите пари ако пропадне пензиското друштво каде што штедам за пензија?
Сметката на пензиско друштво не е поврзана со сметките на членовите во капитално финансираните пензиски фондови т.е. средствата на членовите се чуваат кај Банка Чувар. Во случај на стечај на пензиско друштво Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС го презема работењето на тој фонд.