Интервју: Пензискиот систем како столб на економската стабилност и социјалната сигурност
Во изминатите две децении, пензискиот систем на Северна Македонија доживеа значајни реформи и се разви во клучен столб на економската отпорност и социјалната заштита. Обезбедувајќи долгорочна финансиска сигурност за граѓаните и насочувајќи инвестиции кон пошироката економија, системот има стратешка улога во националниот развој.
По меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении напредок“ во организација на Асоцијацијата за управување со пензиски фондови на Северна Македонија, во интервју за Капитал, Дарко Саздов, Член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, зборува за тоа како пензискиот систем и понатаму ја обликува финансиската иднина на земјата и ја штити благосостојбата на нејзините граѓани.
На кои начини пензискиот систем придонесува за долгорочна економска стабилност во Северна Македонија?
Пензискиот систем е еден од клучните столбови на долгорочната економска и социјална стабилност во нашата држава. Тој не е само механизам за исплата на пензии, туку важен фактор што влијае врз фискалната стабилност, финансиските пазари, економскиот раст и социјалната сигурност. Комбинацијата на повеќестолбен пензиски систем каков што е воспоставен кај нас овозможува подобра предвидливост на пензиските обврски и постепено намалување на фискалниот притисок врз буџетот, особено во услови на неповолни демографски трендови што придонесува за поголема стабилност на јавните финансии на долг рок.
Приватните капитално финансирани пензиски столбови се еден од најзначајните извори на долгорочен домашен капитал. Преку нивните инвестиции, тие обезбедуваат стабилно финансирање на државата и економијата, може да влијаат на пазарот на капитал и делуваат стабилизирачки во периоди на економска и финансиска неизвесност. Ваквиот инвестициски хоризонт, кој е по природа долгорочен, овозможува амортизирање на краткорочните шокови и поддршка на одржлив економски раст.
Социјалната улога на пензискиот систем од друга страна се рефлектира и економски, преку намалување на ризикот од сиромаштија кај повозрасното население и обезбедување стабилна потрошувачка, додека јасните правила за уплата и евиденција на придонесите создаваат стимул за формална вработеност и финансиска дисциплина.
Реформите беа долгорочен процес. Кои се според вас најзначајните придобивки за граѓаните што произлегоа од дваесетгодишниот развој на пензискиот систем?
Промените на пензискиот систем се долг, постепен и стабилен процес со широк консензус на сите чинители во државата, но токму таа континуираност овозможи денес да се зборува за конкретни и видливи придобивки за граѓаните во нашата држава. Дваесетгодишниот развој покажа дека пензиските реформи не се еднократна мерка, туку долгорочно вложување во економската и социјалната сигурност на државата.
Една од најзначајните придобивки е зголемената сигурност и предвидливост на пензиските права. Денес постои појасна врска помеѓу уплатените придонеси и идните пензиски примања, што ја зајакнува довербата во системот и овозможува подобро лично финансиско планирање. Дополнително, развојот на приватните капитално финансирани пензиски столбови овозможи диверзификација на ризикот, така што идните пензии не зависат исклучиво од демографските движења, туку и од акумулираните придонеси и нивното инвестирање.
Промените на пензискиот систем имаа и поширок социјален и институционален ефект. Јасно дефинираните правила и индивидуалните лични сметки создадоа стимул за формална вработеност и редовно плаќање придонеси, што на долг рок придонесува за поголема социјална правичност. Истовремено, се зајакна институционалната стабилност преку сеопфатна и ефективна регулатива, силна и ефикасна супервизија, професионално управување со пензиските придонеси што овозможува зголемување на пензиските заштеди, што е клучно за долгорочна доверба во системот и за чувството на сигурност дека пензиските права ќе бидат зачувани и во иднина.
Демографските промени и економската неизвесност се глобални предизвици, но се чини дека имаат посебно важна улога кај нас. Како пензискиот систем се прилагодува на прашањата за стареење на населението, инфлацијата и промените на пазарот на трудот?
Демографските промени, инфлациските притисоци и трансформациите на пазарот на трудот се глобални предизвици што исто така се чувствуваат и во Македонија, каде што стареењето на населението и миграциите го намалуваат односот меѓу активните осигуреници и пензионерите. Во такви услови, прилагодувањето на пензискиот систем е неопходност за неговата долгорочна одржливост.
Одговорот на демографските притисоци се гледа во поставување на повеќестолбна структура на пензискиот систем. Комбинацијата на јавниот меѓугенерациски столб и приватните капитално финансирани пензиски столбови ја намалува зависноста од тековните придонеси и овозможува дел од идните пензиски обврски да се покриваат преку акумулирани придонеси и инвестициски приноси. Паралелно, преку усогласување на пензиите и соодветни инвестициски политики кај пензиските фондови, кои настојуваат на долг рок да остварат принос што ја надминуваат инфлацијата, системот настојува да ја заштити реалната вредност на пензиските примања од инфлациски ризик.
Промените на пазарот на трудот исто така бараат дополнителна флексибилност. Сè поголемиот акцент на пензиските права од задолжителниот и доброволниот пензиски столб и јасната поврзаност меѓу уплатите на придонеси, индивидуалната лична сметка и стекнатите права од неа им овозможуваат на граѓаните полесно да се прилагодат на динамичните работни услови, без да ја загрозат својата пензиска сигурност. Во исто време, преку стимули за формална вработеност и подолг работен век, пензискиот систем придонесува за зголемување на бројот на уплаќачи на придонеси и за зачувување на финансиската одржливост.

На неодамнешната конференција се сретнаа клучните актери од секторот. Дали се појавија нови идеи или перспективи што би можеле да придонесат за натамошно унапредување на системот?
Конференцијата овозможи размена на домашни и меѓународни искуства од различни перспективи и тоа од аспект на регулатива и супервизија, бизнис перспектива и од академската заедница што придонесе за појасно разбирање на предизвиците и можностите за натамошен развој на пензискиот систем. Од аспект на капитално финансирано пензиско осигурување беше нагласено дека системот е сè уште во фаза на акумулација, и во однос на членството кое е сѐ уште младо и во однос на инвестициите кои придонесуваат за натамошен раст на средствата, со што се зголемува релативната важност на приватните пензиски фондови во рамките на домашниот финансиски систем. Тоа ја наметнува континуираната потреба од унапредување со цел постигнување соодветна рамнотежа меѓу приносите и преземените ризици, имајќи предвид дека станува збор за долгорочен пензиски производ.
Имајќи предвид дека промените на пазарот на трудот, како растот на флексибилните форми на работа, честите промени на работодавачи и потребата од подолг работен век исто така бараат адаптација на пензискиот систем. Се дискутираше за пристапи што подобро ги земаат предвид современите работни кариери на поединците, како честите промени на работодавачи, самовработувањето и работа на проекти во домашаната економија и во странство. Во тој контекст, се потенцираше јакнењето на индивидуалната компонента во пензиското штедење преку задолжително и доброволно пензиско осигурување, со цел граѓаните да имаат поголема контрола и појасна претстава за своите идни пензиски права.
Посебно внимание беше посветено и на инвестициските политики, со фокус на поширока диверзификација и подобро усогласување на стратегиите со возраста и ризичниот профил на членовите. Оваа перспектива се препознава како начин за подобро управување со ризиците и заштита на заштедите, особено во различни фази од животниот циклус. Предлогот за мулти-портфолија кај пензиските фондови беше позитивно прифатено заради усогласување на ризикот од инвестирање со возраста на членовите или периодот до пензионирање. Притоа, беше нагласена и потребата од понатамошно зајакнување на примената на ESG фактори (еколошки, социјални и управувачки), не само формално, туку суштински, со јасно разграничување на инвестиции што навистина ги применуваат овие принципи од оние што само се претставуваат како такви.
Конференцијата отвори и важни прашања поврзани со дигитализацијата, новите технологии и потребата тие да се воведуваат внимателно, со соодветно тестирање и регулаторен надзор, особено во комуникацијата со граѓаните. Заедничкиот заклучок беше дека подобрувањата мора да одат паралелно со појасни информации и зголемена финансиска и пензиска писменост.
Тоа што треба да се истакне е дека пензискиот систем е потребно да биде постојано во фаза на постепено прилагодување, насочено кон поголема флексибилност, подобро управување со ризиците и поактивна улога на членовите.
Довербата е темел на секој финансиски систем. Како Агенцијата МАПАС, институциите и самите друштва работат на градење јавна доверба и обезбедување сигурност на средствата на граѓаните?
Довербата и транспарентноста се темелни вредности на пензискиот систем, особено затоа што станува збор за долгорочни заштеди на граѓаните. Во Македонија, нивното градење е заедничка одговорност на регулаторот, пензиските друштва и останатите институции, при што секој учесник има јасно дефинирана улога во обезбедување стабилност и сигурност на пензискиот систем.
Клучна улога во овој процес има нашата Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, која преку континуирана супервизија обезбедува заштита на средствата и интересите на членовите. Супервизијата опфаќа следење на инвестициските стратегии и политики, корпоративното управување, управувањето со ризици, усогласеноста со законската рамка и транспарентноста во работењето на пензиските друштва. Дополнителен столб на сигурност е законското раздвојување на средствата на членовите на пензиските фондови од средствата на пензиските друштва, со што пензиските заштеди во пензиските фондови остануваат сопственост на членовите и се заштитени и во случај на евентуални проблеми во работењето на управувачите со средства односно пензиски друштва.
Пензиските друштва, од своја страна, сè повеќе вложуваат во јакнење на капацитетите, унапредување на транспарентноста и комуникацијата со членовите и јавноста. Преку редовни извештаи, дигитални услуги и појасни информации за состојбата на индивидуалните сметки и инвестициските резултати, членовите добиваат подобар увид во управувањето со нивните средства, што е особено важно во услови на пазарни промени.
Паралелно со тоа, Агенцијата и пензиските друштва во континуитет инвестираат во информативни кампањи за подигнување на финансиската и пензиската писменост. Информираниот граѓанин полесно ги разбира ризиците и реалните очекувања од пензискиот систем и има поголема доверба во неговата долгорочна одржливост. Токму комбинацијата од силна супервизија, јасна регулатива, професионално управување и транспарентна комуникација ја гради сигурноста дека пензиските средства се управувани одговорно и во најдобар интерес на членовите на пензиските фондови.

Кои се следните приоритети за зајакнување на пензискиот систем и неговата улога во националниот развој?
Следната фаза во зајакнувањето на пензискиот систем треба да се темели на стабилност, иновации и јасна долгорочна визија. Клучен приоритет е унапредувањето на финансиската одржливост на системот и неговото прилагодување на демографските и економските реалности, особено стареењето на населението и намалувањето на работната сила. Во тој контекст, пензискиот систем може активно да придонесе преку стимулирање подолг и поквалитетен работен век, поголема формална вработеност и јасна поврзаност меѓу уплатените придонеси и стекнатите пензиски права.
Паралелно со тоа, значаен приоритет е понатамошниот развој на капитално финансираните пензиски столбови и унапредувањето на инвестициските стратегии на пензиските фондови. Целта е остварување стабилни долгорочни приноси, но и подобро усогласување на вложувањата со потребите на домашната економија за продуктивни и развојни инвестиции, при строго почитување на принципот на сигурност и заштита на средствата на членовите. Во услови на ограничен домашен пазар на капитал, важна останува и регионалната и меѓународната диверзификација на инвестициите.
Во управувањето со пензиските средства, сè поголемо значење добива интеграцијата на ESG факторите, како начин за подобро управување со долгорочните ризици. Климатските промени, корпоративното управување и социјалните стандарди како ESG фактори сè повеќе влијаат врз вредноста и стабилноста на инвестициите, а пензиските фондови, поради својот долг хоризонт, имаат силен интерес да ги земат предвид овие фактори. Преку постепено воведување на ESG принципи, пензискиот систем може истовремено да придонесе за одржлив економски развој и за заштита на долгорочните интереси на осигурениците. Дополнително е и предлогот за имплементација на пензиски фондови со повеќе портфолија заради усогласување на ризикот од инвестирање со возраста на членовите што ќе им даде можност на членовите за избор на портфолио согласно профилот на ризик.
Истовремено од аспект на идни подобрувања на пензискиот систем, искуството од изминатите години покажа дека градењето институционален капацитет, политичкиот консензус и стабилната супервизорска и регулаторна рамка се неопходни предуслови за успешни реформи. Подигнувањето на финансиската писменост и транспарентната комуникација со јавноста остануваат клучни за јакнење на довербата во системот.
Гледано проактивно од аспект на Агенцијата, приоритет ќе биде и натамошната модернизација на супервизијата преку натамошна дигитализација, понапредно управување со ризици, следење на макроекономските показатели за финансиска стабилност и создавање или враќање на мехнизмите за поттик на уплата во доброволното пензиско осигурување на индивидуалната и професионалната пензиска сметка.
По дваесет години развој, капитално финансираниот пензиски систем се покажа како стабилен и отпорен, а неговата идна улога е јасна – да продолжи да ги штити интересите на членовите, да го поддржува економскиот раст и да придонесува кон одржлива пензиска иднина за државата.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk