Како и зошто пензиските друштва ги инвестираат твоите заштеди
Дали знаеш што се случува со придонесите што ги уплаќа твојот работодавач и каде одат твоите пензиски заштеди?
Секој месец, од твојата бруто плата се одвојуваат 18,8% придонеси за пензија, од кои 12,8% одат во првиот столб, за сегашните пензионери, а 6% одат во вториот столб, на твојата индивидуална сметка во избраниот пензиски фонд.
Средствата што одат во вториот столб се инвестираат со цел да растат и да ти обезбедат сигурна пензија во иднина. Со секоја уплата, средствата се инвестираат на различни пазари и во различни инструменти согласно законската регулатива и дефинирана инвестициска стратегија, за да се обезбеди стабилен принос.
Каде и како се инвестираат средствата
Пензиските фондови ги распределуваат средствата во различни финансиски инструменти за да се намали ризикот и да се обезбеди стабилен раст. Најчесто тоа вклучува:
- домашни обрзници и државни записи
- депозити во банки
- акции од домашни и странски компании
- домашни и странски инвестициски фондови
Ваквата диверзификација ја штити вредноста на средствата од потенцијални падови на одредени различни финансиски инструменти.
Зошто е важно инвестирањето
Колку подолго средствата се инвестираат, толку е поголем ефектот на приносот – парите создаваат нови пари. Дури и мали износи, ако се инвестираат редовно, со текот на годините можат значително да се зголемат.
Ова е всушност процесот на капитализација – претворање на приходите во дополнителен капитал. Придонесите и приносите се акумулираат на твојата индивидуална сметка, а остварената добивка повторно се инвестира, што овозможува раст на средствата со текот на времето.
Сигурност и транспарентност за твоите заштеди
Твоите средства од вториот столб се целосно одвоени од средствата на пензиските друштва и се чуваат кај банки – чувари на имот, под строг надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
Покрај сигурноста, транспарентноста е уште една силна страна на системот. Секој член на задолжителниот пензиски фонд има право на редовен увид во сопствената сметка – онлајн, преку апликација или годишен извештај во „зелениот плик“.
Во овој извештај се прикажани:
- вкупниот износ на средствата на твојата индивидуална сметка
- просечниот принос (раст) на средствата на годишно ниво
- сите надоместоци за управување со фондот
- датумот и износите на сите месечни уплати
Благодарение на овој систем, секој осигуреник може во секое време да провери како расте неговата пензиска заштеда и да се увери дека средствата се управуваат професионално и одговорно.
Зошто е важно да го знаеш ова?
Висината на средства кои се издвојуваат во вториот столб е однапред определена како процент од бруто платата, меѓутоа твојата информираност е клучна за да разбереш што се случува со тие средства откако ќе пристигнат на твоја лична сметка во пензискиот фонд од вториот столб – каде се чуваат, како се инвестираат и зошто се безбедни. Разбирањето на системот ти овозможува да имаш доверба во процесот и да ја следиш сопствената пензиска заштеда.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk