Интервју: Развој на пензискиот систем преку соработка и искуство
Оваа година, се навршуваат две децении откако Македонија воспостави капитално финансиран пензиски систем. На прашањето дали реформите на пензискиот систем успешно се спроведуваат, зборува фактот дека домашните пензиски фондови имаат освоено европски награди – во конкуренција со пензиски системи кои постојат повеќе од еден век. Но, истовремено, мора да бидеме свесни дека развојот на пензискиот систем претпоставува континуирано следење на состојбите и постулатите врз кои се заснова истиот, а кои треба да имаат свој одраз и во регулаторната рамка преку која се зголемува сигурноста на членовите и се подобрува ефикасноста на управувањето со средствата.
Пензиските друштва активно работат на подобрување на соработката и размена на искуствата со земјите кои имаат поразвиени капитално финансирани пензиски системи, со цел да учиме од проверени односно докажани системски решенија, и тоа како од позитивни, така и од негативни искуства.
Во интервјуто за Капитал, Снежана Станковиќ, претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво а.д Скопје дознаваме повеќе за тоа како соработката и иновациите можат да го зајакнат пензискиот систем, но и за уште неколку важни прашања, како што се: зошто воведувањето мултифондови не е само технички детал туку прашање на фер третман за различни генерации и како демографските промени го прават пензиското планирање нужност, а за што се истакнува потребата од поголема финансиска едукација и зголемена доверба на граѓаните и членовите на пензискиот систем на што неизоставно влијае транспарентното работење на пензиските друштва.
Кои се клучните регулаторни реформи што пензиските друштва моментално ги иницираат или поддржуваат?
Пензиските друштва независно секое посебно, но и како дел од новоформираната Асоцијација, го поддржуваат развојот на регулаторна рамка која ја зголемува сигурноста на членовите и ја подобрува ефикасноста на управувањето со средствата. Пред сè, се залагаме за проширување на инвестициските можности како што е воведување на мултифондови, вклучување повеќе класи на средства и алтернативни инструменти што обезбедуваат подобра диверзификација, стабилност и кои може да обезбедат подобар однос ризик-принос. Секогаш можеме да го унапредиме системот, особено во делот на примена на современи правила за управување со ризици, транспарентност и известување, бидејќи тоа директно влијае на довербата на граѓаните.
Важна иницијатива е и дигитализацијата на процедурите, со цел намалување на трошоци и брза обработка на податоци, како и унапредување на процесите за заштита на лични информации. Поддршката на пензиските друштва за регулаторни реформи има за цел да создаде поефикасен и модерен пензиски систем кој ќе може да обезбеди долгорочна стабилност на пензиските фондови, односно повисока финансиска сигурност за идните пензионери.
Усогласувањето со европските стандарди често се смета за мерило за напредок. Колку близу се домашните регулаторни практики до стандардите на Европската Унија?
Пензискиот систем во Македонија ја следи европската пракса и европските стандарди уште со воспоставување на реформата, а особено во делот на транспарентноста, известувањето и заштитата на членовите. Практиките за управување со пензиски средства се заснова врз принципите содржани во директивата IORP II, која поставува високи барања за управување со ризик, корпоративно управување и професионална одговорност. Но, иако основната рамка е веќе поставена, остануваат области за унапредување и усовршување, бидејќи овој процес бара континуирано следење како на предизвиците, така и на добрите практики и нивно имплементирање во регулаторна рамка.
Наш континуиран предизвик е и натамошна дигитализација на документи и процеси, што ја зголемува како ефикасноста, така и транспарентноста на системот во целина. Нашиот пензиски систем е препознаен и конкурентен со пензиски системи кои постојат повеќе од 100 години, а за тоа зборуваат и меѓународните награди кои македонските пензиски друштва ги добиваат изминатите години од познати организации специјализирани за индустријата на пензиското инвестирање и управување со пензиските фондови како што е IPE (Investment & Pensions Europe).
Како вашето друштво придонесува за професионализација и одржување на високите етички стандарди во работењето и која е последната иновативност што е имплементирана?
Друштвата строго ги следат правилата за транспарентност, објавување информации и одговорно управување, а етичките кодекси се задолжителен дел од нивното функционирање. Особено внимание се посветува на спречување конфликт на интереси, на заштита на лични податоци и на фер третман на сите членови. Овој пристап создава стабилност, доверба и професионална култура која е неопходна за одржување на здрав пензиски систем и долгорочна заштита на средствата на граѓаните. Довербата се гради и одржува единствено преку транспарентно работење, во што пензиските друштва ги следат и законските обврски и европските практики.
Од неодамна друштвото спроведува проект, кој во согласност со модерните трендови, промовира персонализиран пристап со јасни и разбирливи директни препораки со што членовите добиваат поголема сигурност дека нивните лични средства се управувани на најдобар можен начин. Ова ја гради довербата во пензискиот систем. Во таа насока сите пензиски друштва дизајнираат свои модели на комуникација со членовите и другите граѓани, настојувајќи да се зголеми нивото на финансиска едукација.

Конференцијата што неодамна ја одржавте ги обедини најрелеватните гласови во индустријата. Дали се појавија нови идеи или предлози за дополнителни регулаторни унапредувањa што произлегоа од дискусиите?
Следејќи ја состојбата кај нас, но и имајќи можност да ги видиме и слушнеме меѓународните пракси, се издвојуваат неколку приоритетни можности за идни унапредувања. Една од нив е воведување поголема флексибилност во инвестициските ограничувања, што би овозможило подобра заштита од турбуленции на светските пазари, како и проширување на лепезата на финансиски и нефинансиски производи во кои може да се инвестираат средствата на фондовите. Се истакна и потребата за поголема финансиска едукација, особено кај младата популација, која сè уште нема доволно информации за придобивките на пензиското штедење.
Преку конференцијата имавме можност да размениме позитивни, но и негативни практики преку кои можеме да избегнеме грешки и заштедиме време следејќи ги искуствата на другите земји во кои пензискиот систем е поразвиен.
Важно е да се препознае дека пензискиот систем претпоставува континуирано следење на состојбите и прилагодување кон истите, па размена на меѓународни искуства и нивното следење е неизоставно важно. Но, можам да кажам дека учеството на Конференцијата од сите засегнати страни зборува за важноста на темата. Останува на сите нас да работиме како на следење, така и на поефикасно имплементирање на добрите практики.
Соработката е клучна за системски промени. Како се реализира соработката со регулаторите, креаторите на политики и другите институции за постигнување на заеднички цели?
Сегашниот, тростолбен, капитално финансиран пензиски систем е ралативно нов кај нас, но континуираното следење на состојбите е нужно и за високо развиените пензиски системи. Демографските принципи на кои се заснова одржливоста на пензискиот систем се променлива категорија и дадените претпоставки забрзано се реализираат, а тоа бара континуирано следење на состојбите и прилагодување на системот кон истите.
Соработката меѓу пензиските компании, МАПАС, министерствата и другите институции е структуирана преку работни групи, консултации и стручни анализи. За жал, пензиските друштва не се вклучени директно во работните групи, но соработката со регулаторот е континуирана. Преку МАПАС ни е овозможено да даваме коментари и предлози на предлог промените.
Континуирана соработка овозможува навремено препознавање на предизвиците, предлагање реални и применливи решенија и создавање регулатива која одговара на потребите на системот. Дополнително, размената на искуства со академски и меѓународни организации обезбедува најдобри практики и современи стандарди. Само преку заедничка координација на сите засегнати страни и следење на трандовите, пензискиот систем ќе биде стабилен и подобро подготвен за идните предизвици.
Кои се вашите приоритети за зајакнување на пензискиот систем во следните неколку години?
Нашите приоритети се поголема инвестициска ефикасност што може да се оствари преку проширување на инвестициската рамка со цел подобар принос и поголема стабилност на фондовите, како и воведување мултифондови преку овозоможување на портфолија со различна ризичност, зависно од возраста на членовите. Понатаму останува предизвик зголемувањето на финансиска писменост преку различни едукативни програми за населението, особено младите, со цел да ја разберат нужноста за пензиското штедење во вториот и третиот столб, а со натамошниот развој на дигиталната трансформација ќе обезбедиме подобрување на ефикасноста, транспарентноста и услугите за членовите.
Во комбинација со усогласување со ЕУ-директивите, овие приоритети ќе создадат модерен и одржлив пензиски систем.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk