
Нова едукативна кампања со фокус на 20 години од реформирањето на пензискиот систем „Засади желба за стабилна иднина“
Денес, во хотел „Мериот“ во Скопје, се одржа прес-конференција со која официјално започна петтата едукативна кампања „Засади желба“, во организација на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје, со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Оваа година кампањата се одвива под мотото „Засади желба за стабилна иднина“, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на реформираниот пензиски систем во земјата кој oбезбедува индивидуална сигурност, транспарентност и долгорочна стабилност за граѓаните.
Јубилејот 20 години од реформата на пензискиот систем во земјава, беше повод да се организира и меѓународна конференција на која ќе учествуваат претставници од трите пензиски друштва, како и еминентни гости и претставници од земјава и странство.
Настанот, кој ќе се реализира на 12 ноември годинава во хотелот Мериот, има за цел да ја истакне важноста и успешноста на реформата, опфаќајќи теми за идните предизвици, но и за можностите во областа на пензиското осигурување. Ќе овозможи размена и на меѓународни искуства, а воедно ќе придонесе и кон јакнење на транспарентноста и довербата на пензискиот систем во нашата земја.
Преку серија активности и едукативни содржини, кампањата има за цел да ја зголеми свесноста кај јавноста за значењето на членството во задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и да ја поттикне културата на навремено и одговорно пензиско штедење.
На прес-конференцијата се обрати Ремзи Бајрами, Претседател на Советот на експерти во МАПАС, кој зборуваше за ефектите од реформата на пензискиот систем и досегашните резултати.

„Ми претставува чест што денес со гордост можеме да зборуваме за 20 години од почетокот на имплементирање на реформата на пензискиот систем во нашата држава како и почеток на работењето на пензиските друштва. Оваа реформа претставува една од најважните економско-социјални промени во независна Северна Македонија бидејќи внесе нов модел на заштита на граѓаните во нивната старост – модел кој комбинира сигурност, стабилност и индивидуална одговорност.
Капитално финансираното пензиско осигурување – или вториот столб, како што јавноста го познава – во изминативе две децении покажа дека е еден од најсигурните механизми за заштита на идните пензии. Денес имаме над 620.000 членови во вториот столб, а средствата акумулирани на нивните сметки достигнуваат над 178 милијарди денари. Тоа значи дека секој член има своја лична заштеда, свој капитал кој се инвестира и се множи со текот на времето.
Покрај вториот столб, особено важно е да го споменеме и третиот пензиски столб – доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. Овој столб им нуди можност на граѓаните, но и на работодавачите со дополнителни уплати да создадат уште поголема сигурност за иднината. Според последните податоци во третиот пензиски столб имаме околу 35.000 членови, а вкупните средства акомулирани во фондовите на третиот столб достигнуваат приближно 4,7 милијарди денари.
Весна Стојановска, Претседател на Управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, ја истакна улогата на пензиските друштва во обезбедувањето стабилна иднина за членовите и првите пензионери, потенцирајќи дека нивната улога не е само да управуваат со бројки и средства, туку да создададат сигурност – сигурност дека секој вложен денар ќе придонесе за достоинствена старост.

„Изградивме модерен, транспарентен и стабилен пензиски систем. Систем кој управува со лични, индивидуални сметки на осигурениците. Со прудентни и докажани политики во инвестирањето се создава цврста основа за сигурна и стабилна иднина“ – истакна Стојановска.
Снежана Станковиќ, Претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво АД Скопје, по повод 20 години од реформите на пензискиот систем, најави формирање на Асоцијација на пензиски друштва во чија организација ќе биде одржана меѓународна конференција.

„Со особена гордост, денес, 20 години по реформите на пензискиот систем како одговор на очекуваните, а сега веќе видливи негативни демографски движења, кога имаме три пензиски друштва кои управуваат со втор задолжителен и трет доброволен пензиски фонд, го најавуваме формирањето на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Република Северна Македонија.
Асоцијацијата ќе биде платформа за соработка, професионален дијалог и заедничко делување. Ќе биде гласот на пензиските друштва – но и чувар на интересите на сите сегашни и идни пензионери. Асоцијацијата ќе работи на унапредување на регулативата и развој на етички стандарди, единствено во корист на интересите на членовите и на пензионираните членови на задолжителните и/или доброволните пензиски фондови со кои управуваат пензиските друштва.
Во овој контекст, со задоволство ја најавуваме и меѓународната конференција, која ќе се одржи на 12 ноември во Скопје, во Marriott Hotel. Поводот за конференцијата е значаен:
20 години од пензиската реформа во Република Северна Македонија“ – објасни Станковиќ.
Маријан Николовски, Член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје, ги претстави новите активности и содржини што се дел од овогодинешната кампања.

„Темата што ја отвораме денес – финансиската стабилност – е прашање што нѐ засега сите, без разлика на возраста, професијата или животниот стил. Токму затоа, застанавме зад еден сериозен и континуиран напор за едукација, информирање и охрабрување на граѓаните да преземат проактивна улога во своето финансиско планирање.
Оваа кампања е резултат на заедничка визија и посветеност – да создадеме средина каде секој ќе има пристап до релевантни, разбирливи и практични информации кога станува збор за личните финансии, пензиското штедење и планирањето на иднината.
Ги охрабруваме сите да се приклучат, да споделуваат, да прашуваат и да учат. Да разговараме за финансиите – не како табу, туку како тема која е дел од нашата секојдневна реалност и иднина“ – истакна Николовски во своето обраќање.
Во рамки на настанот беше промовирано и носечкото видео на кампањата, како и новата едукативна алатка – речникот на поими достапен на официјалната веб-страница.
Со оваа иницијатива, пензиските друштва и МАПАС ја продолжуваат традицијата на заеднички едукативни кампањи, која трае веќе 10 години.
Во изминатите години оваа кампања се развиваше преку теми за одржливост, заедништво и општествена одговорност, со цел да инспирира активна вклученост и да ја пренесе пораката дека денешните инвестиции создаваат стабилна иднина.
Од почетокот на реформата па до сега забележан е континуиран раст во бројот на членови во вториот и третиот пензиски столб, што укажува на зголемена информираност, доверба и интерес кај граѓаните за пензискиот систем.
Сите активности поврзани со кампањата „Засади желба за стабилна иднина“ се достапни на веб страницата penzija.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk