Назад

Улогата на пензискиот систем во Република Cеверна Македонија

Пензискиот систем има значајна улога за едно стабилно и сигурно општество. Негова основна задача е да обезбеди материјална и социјална сигурност на поединецот.

Пензискиот систем во нашата држава е составен од три столба. Првиот столб кој претставува пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, вториот столб кој претставува задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и третиот столб кој претставува доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Вториот и третиот  столб од пензискиот систем функционираат врз принципот на т.н дефинирани придонеси, односно кај нив однапред е определено нивото на придонеси кои се уплаќаат, додека пензијата/ пензискиот надоместок се утврдува дополнително во зависност од акумулираниот износ.

Вториот столб,  е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на задолжителни придонеси од плата. Уплатените средства се акумулираат на индивидуални сметки. Во Вториот столб членуваат повеќе од 560.000*  членови со над  109* милијарди денари нето средства под управување.*

Кога зборуваме за третиот столб, станува збор за доброволно пензиско осигурување исто така засновано на принцип на дефинирани придонеси. Но, разликата е во тоа што овој столб се базира на доброволна основа. Тоа значи дека висината и динамиката на уплатениот придонес ја одредувате сами. Истиот брои повеќе од 28.000* членови и нето средства повеќе од 2.9 милијарди денари.*

Ако го споредиме бројот на членови во вториот и третиот столб лесно ќе може да забележиме дека во доброволното пензиско осигурување членува помал број од населението.

Значајно е да се истакне дека пензиското штедење е долгорочен процес, чиј тек се случува постепено, но евидентно е  континуирано зголемување на заштедите.

Целта на повеќестолбниот пензискиот систем е можност за обезбедување средства за старост од три извори  како и диверзификација (поделба) на ризикот, што е особено значајно имајќи предвид дека пензиското и инвалидското осигурување се одвива долг временски период и на тој начин ќе се обезбеди пристојна пензија за идните пензионери. Извор на податоци: www.mapas.mk

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk