Улогата на пензискиот систем во Република Cеверна Македонија

Пензискиот систем има значајна улога за едно стабилно и сигурно општество. Негова основна задача е да обезбеди материјална и социјална сигурност на поединецот.

Пензискиот систем во нашата држава е составен од три столба. Првиот столб кој претставува пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, вториот столб кој претставува задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и третиот столб кој претставува доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Вториот и третиот  столб од пензискиот систем функционираат врз принципот на т.н дефинирани придонеси, односно кај нив однапред е определено нивото на придонеси кои се уплаќаат, додека пензијата/ пензискиот надоместок се утврдува дополнително во зависност од акумулираниот износ.

Вториот столб,  е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на задолжителни придонеси од плата. Уплатените средства се акумулираат на индивидуални сметки. Во Вториот столб членуваат повеќе од 560.000*  членови со над  109* милијарди денари нето средства под управување.*

Кога зборуваме за третиот столб, станува збор за доброволно пензиско осигурување исто така засновано на принцип на дефинирани придонеси. Но, разликата е во тоа што овој столб се базира на доброволна основа. Тоа значи дека висината и динамиката на уплатениот придонес ја одредувате сами. Истиот брои повеќе од 28.000* членови и нето средства повеќе од 2.9 милијарди денари.*

Ако го споредиме бројот на членови во вториот и третиот столб лесно ќе може да забележиме дека во доброволното пензиско осигурување членува помал број од населението.

Значајно е да се истакне дека пензиското штедење е долгорочен процес, чиј тек се случува постепено, но евидентно е  континуирано зголемување на заштедите.

Целта на повеќестолбниот пензискиот систем е можност за обезбедување средства за старост од три извори  како и диверзификација (поделба) на ризикот, што е особено значајно имајќи предвид дека пензиското и инвалидското осигурување се одвива долг временски период и на тој начин ќе се обезбеди пристојна пензија за идните пензионери. Извор на податоци: www.mapas.mk

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Важни совети за штедење кои важат и за младите

Сите во одреден момент се прашуваме: како да заштедиме пари? Штедењето не само што обезбедува чувство на слобода и флексибилност, туку може да ги задоволи основните потреби особено во време на криза. Ако можеби планирате да започнете свој бизнис или да работите онлајн како хонорарец во иднина, сега е време да размислувате за првите чекори. Доколку започнете на време, надополнувањето на вашата штедна книшка ќе ви стане навика.

Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ги преземете првите чекори за штедење.

Прво, одговараме на прашањето колку треба да бидете штедливи?

Не постои универзален одговор на ова прашање бидејќи зависи од мноштво фактори. Најпрво направете листа на сите финансиски обврски, потоа издвојте ги вашите желби од основните потреби. Така ќе знаете каде можете да го намалите вишокот трошоци.

Може да помогнат и онлајн апликациите за следење на трошењето и категоризирање на обврските со што ќе имате јасна слика колку трошите на: намирници, превоз, облека и слободно време.

Откако ќе добиете објективен увид во вашите месечни приходи и расходи, ќе можете да истражувате за пореални опции за штедење. Започнете, на пример, со правилото 50/30/20 при првото покачување на платата. Според ова правило, половина од платата треба да оди за плаќање на месечни обврски, како кирија и месечни сметки, 30% оди за желби, а 20% за заштеди или отплата на долг.

Совети за заштеда на пари

Откако ќе одредите колку буџет имате на располагање, време е за вистински заштеди. Верувале или не, штедливоста може да се претвори во еден вид зависност кога ќе видите дека вашата штедна книшка се пополнува. Поставете си мерливи цели. Ако точно знаете за што штедите – да купите стан, куќа или автомобил – тоа може вистински да ве мотивира. Ако ги распределите вашите заштеди за различни цели, ќе ви биде полесно да се држите до планот.

На кратко, за да штедиме ефикасно и ефективно, треба:

  • Редовно да правиме преглед на трошоците
  • Да ги дефинираме нашите приоритети
  • Да штедиме и размислуваме за нашата иднина
  • Да планираме однапред
  • Да ги поедноставиме работите

Македонскиот пензиски систем се состои од три столба, вие како опција за штедење можете да го го избирате третиот столб – доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. Имајќи ја предвид флексибилноста на доброволното пензиско штедење, каде секој може да ја одреди висината на уплати за штедење, динамиката на уплати, без никакви обврски, имате можност да ја пронајдете идеалната заштеда според вашите потреби.

За сите подетални информации во врска со доброволниот пензиски фонд посетете некои од пензиските друштва.

Зошто дополнително да штедам за пензија?

Повеќето луѓе не размислуваат за осигурување на иднината во нивните 20-ти, дали и вие сте меѓу нив?
Соочени со промените во општеството, повеќе од кога било сме свесни дека управувањето со личните финансии може да биде навистина голем предизвик. Можеби мислите дека е премногу рано да размислувате за пензионирање, но времето до пензија доаѓа многу побрзо од што сме замислувале. Гледаме како промените влијаат на нашиот живот, и на времето кое доаѓа, а за тоа најмногу знаат нашите родители или баби и дедовци. Важно е да разговарате со нив за нивниот работен век и пензиите што ги примаат сега.

Како тогаш до подобра иднина и повисок животен стандард?
За да обезбедите добар животен стандард и во пензионерските денови, започнете да штедите. Постојат доброволни пензиски фондови кои се формирани со цел на граѓаните да им овозможат надополнување на пензијата од Првиот и Вториот пензиски столб и да си осигураат дополнителни примања за старост.

Придобивки од доброволните пензиски фондови се:

• Обезбедуваш дополнителен извор на средства независно од пензијата на Фондот за ПИОСМ. Твојата пензија зависи и од висината на доброволниот придонес што го уплатуваш и периодот на штедење.

• Флексибилност – Уплатуваш колку можеш и кога сакаш.

• Без разлика кога планирате да се пензионирате, средствата од доброволниот пензиски фонд можете да почнете да ги користите од 52/54 години за жена и маж.

• Наследна компонента- Во случај на смрт на член или пензиониран член на доброволен пензиски фонд, средствата од сметката на тој член може да се исплатат како наследство.

Како резултат на сите придобивки, вложувањето во доброволните пензиски фондови во целина овозможуваат да заштедите за „златните години“.

Сега е вистинското време да размислуваме за пензија, утре може да биде доцна!

Право на исплата на средства од доброволен пензиски фонд

Право на исплата на средства од доброволен пензиски фонд

Средствата од доброволен пензиски фонд можат да се повлечат најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што во моментов би значело најрано на возраст од 52 години за жени, односно 54 години за мажи.

Исто така, средствата можат да се повлечат во случај кога кај членот е утврдена општа неспособност за работа од страна на Комисија за оцена на работната способност при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, без оглед на возраста. Во случај на смрт на членот средствата се предмет на наследство.

Средствата од третиот столб се користат по избор на членот во следните видови пензиски надоместоци:

Еднократна или повеќекратни исплата на средства;

Пензиски ануитет што се исплаќа од друштво за осигурување овластено за таа цел;

Програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со доброволен пензиски фонд, или

Комбинација од горенаведените опции.

Ажурирање на лични податоци

Со цел точно и навремено доставување на редовните годишни известувања (зелениот плик) до своите членови, од особено значење е членовите на вториот и третиот столб да вршат ажурирање на своите лични податоци.

Ажурирањето или коригирањето на своите податоци, членовите на пензиските фондови можат да го направат на еден од следните начини:

  1. Ажурирање со писмено барање – со пополнување на Барање за ажурирање/корекција на личните податоци. Притоа, заради лична идентификација на подносителот на барањето друштвото врши:
  2. Непосреден увид во документ за лична идентификација на членот преку лице овластено од друштвото или агент;
  3. Телефонски контакт со членот, при што обезбедува снимка од разговорот;
  4. Ажурирање преку интернет страница – преку својот електронски систем на интернет страницата, друштвото му овозможува на член на пензиски фонд да ги ажурира своите лични податоци: име, презиме, адреса на живеење, место на живеење, поштенски код, место за коресподенција, поштенски код за коресподенција, адреса за коресподенција, телефон и електронска пошта.

Притоа, друштвото обезбедува електронска идентификација и проверка на авторизацијата на лицето кое сака да изврши ажурирање на податоците.

  • Ажурирање преку телефонски контакт со пензиските друштва – член на пензиски фонд може да ги ажурира и/или коригира податоците кои се однесуваат на адресата за живеење или адресата за коресподенција со телефонско јавување на контакт телефоните на пензиските друштва.
    Друштвото го идентификува членот при што обезбедува снимка од разговорот.

Кој може да биде член на Третиот пензиски столб

Членови на Третиот столб можат да бидат сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години и немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ниту, пак, се корисници на истата, односно лица кои не повлекуваат средства во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и не остваруваат пензиски надоместок во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Работниот однос не е предуслов за членување.

Работниот однос не е предуслов за членување, па затоа членови можат да бидат и лица кои се невработени, вработени на проекти или во странски мисии, долгорочно невработени лица, лица кои немаат приходи по ниедна основа, лица за кои ќе биде уплатуван дополнителен пензиски придонес – брачни другари, членови на семејството и слично.

Членот може да уплаќа:

  • Доброволен придонес сам за себе,
  • Во негово име и за негова сметка да уплаќа доброволен придонес трето лице (т.н. уплаќач), или
  • За него да плаќа осигурител односно финансиер на професионална пензиска шема.

Лицето станува член на доброволен пензиски фонд:

  • Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка
  • Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето, уплаќачот и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка  или
  • Со учество во професионална пензиска шема и отворање на професионална сметка.

Друштвото отвара доброволна индивидуална сметка или професионална сметка на членот, веднаш по првата уплата на придонес.

Членот, уплаќачот и осигурителот, имаат право слободно да ја одредуваат висината на уплатениот износ на доброволен придонес и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не влијаат на правото на членство во доброволниот пензиски фонд, односно не значат прекин на членството.

За Третиот пензиски столб

Третиот пензиски столб односно доброволно капитално финансирано пензиско осигурување овозможува дополнително пензиско осигурување засновано на капитализација на уплатените средства.

Основната цел на Третиот пензиски столб, независно од државното пензиско осигурување, е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на вработените лица, пензиски приходи на лицата кои не се вработени или спаѓаат во категоријата на долгорочно невработени лица, лицата вработени на проекти или во странски мисии, лица кои немаат приходи по ниедна основа, дополнително пензиско осигурување на трети лица – брачни другари, членови на семејството, односно пензиски приходи на сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години, но немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување ниту, пак, се корисници на истата, односно лица кои не повлекуваат средства во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и не остваруваат пензиски надоместок во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Кој може да биде член на пензиските фондови?

Осигурениците кои прв пат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години, должни се да се зачленат и да плаќаат придонеси во задолжителен пензиски фонд (втор столб) по сопствен избор се додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија времено ги распределува овие осигуреници во задолжителен пензиски фонд од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС е должна писмено да ги информира времено распределените дека согласно Закон се должни да се зачленат во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Во овој рок времено распределените осигуреници имаат можност да изберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе се зачленат со склучување на договор за членство со агент на пензиското друштво кој управува со тој задолжителен пензиски фонд.

Времено распределените осигуреници кои нема да потпишат договор за членство во рок од три месеци од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, по истекот на тој рок, стануваат трајно распределени членови на задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.

Осигурениците кои ќе станат трајно распределени членови во задолжителен пензиски фонд ќе добијат писмено известување од страна на пензиското друштво во кое станале трајно распределен член со информации за нивните права и обврски од членувањето.

Исклучоци

Осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и осигурениците од Глава VII – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови, не се опфаќаат во вториот пензиски столб, доколку имаат навршен стаж на осигурување со зголемено траење кој овозможува намалување на старосната граница за остварување право на старосна пензија за најмалку една година.

Осигурениците кои во текот на осигурувањето ќе добијат својство на осигуреник како индивидуален земјоделец, физички лица кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари  престануваат да бидат членови во вториот пензиски столб.

Осигурениците кои се во работен однос или самовработени лица со полно работно време и за кои е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, не се задолжителни членови во вториот пензиски столб за период за којшто е утврдено ослободувањето од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување.

Главни одлики на пензискиот систем на РСМ

Пензискиот систем во РСМ се состои од три столба, и тоа:

Прв столб – систем за тековно финансирање, осигурување зо основна генерациска солидарност; 

Втор столб – задолжително капитално финансирано пензиско осигурување;

Трет столб – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Првиот столб се однесува на задолжителниот државен пензиски фонд кој функционира според принципот на генерациска солидарност, врз основа на тековно финансирање, што значи дека придонесите на тековните обврзници се користат за финансирање на пензиските надоместоци за тековните пензионери.

Овој столб функционира врз основа на дефинираните пензии, што значи дека износот на резервирањата за пензии се пресметува според претходно утврдена формула. Старосните, инвалидските, семејните и минималните пензиии се исплаќаат од првиот столб.

Сите тековно вработени уплаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во првиот столб. Имено, првиот столб се финансира врз тековна основа (PAYG), а тоа значи дека со придонесите од постојните осигуреници се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери.

Вториот и третиот столб се понови во системот и значат воспоставување капитално финансирано пензиско осигурување во кое се врши капитализација на уплатените придонеси на име и на сметка на членот.

Овие два столба функционираат врз принципот на т.н. дефинирани придонеси, односно кај нив однапред е определено нивото на придонеси што се уплаќа, додека пензијата се утврдува дополнително во зависност од акумулираниот износ.

Задачи и функции на пензиските системи

Пензиските системи имаат големa улога во општеството бидејќи обезбедуваат заштита на населението и економска стабилност на земјата. Основната задача на пензискиот систем е да овозможи исплата на акумулираните средства на вработените кога тие ќе ги исполнат законските услови за добивање статус пензионери.

Пензискиот систем е специфичен и тој мора да биде дизајниран според потребите на населението, односно да овозможува исполнување на следниве функции, и тоа:

· управување со пензиските фондови (менаџмент);

· прибирање придонеси и податоци, распоредување и контрола;

· управување со средствата, т.е. спроведување политика на инвестирање, избор на инвестиции, управување со портфолиото и управување со ризиците;

· администрирање, односно одржување база на податоци за членството, водење индивидуални сметки, ИТ системи, исплата на пензии, сметководство, човечки ресурси;

· чување на средствата, авторизација и порамнување (чувар);

· извршување трансакции (брокери);

· вреднување на средствата, односно пресметка на вредноста на нето средствата, пресметка на вредноста на сметководствената единица, откуп и ослободување од единици;

· усогласеност со регулативата, известување и објавување податоци и информации, т.е. извештаи за регулаторот, за поединци или други владини институции итн.