Кампањата „Засади желба за поубава иднина“ продолжи во Струмица
По успешното реализирање на општествено одговорните активности во рамки на кампањата со едукативен и информативен карактер за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, пензиските друштва продолжуваат со проширување на листата на засадени „Пензиски паркови“.
Кампањата „Засади желба за поубава иднина“, организирана од страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, официјално започна во октомври минатата година, а до декември веќе беа засадени „Пензиски паркови“ во четири средни училишта низ државата, со активно вклучување на учениците во раззеленувањето на дворовите.
Тогаш пензиските друштва изјавија дека активностите се само почеток на создавањето на редовна пракса за спроведување на општествено одговорните активности со кои ќе се опфатат што е можно повеќе училишта во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови.
Денес бевме сведоци на исполнувањето на нивното ветување, со создавањето на „Пензиски парк“ и во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица, но и со најавата за подготовките за садење во уште неколку училишта.
„На наше големо задоволство продолжуваме со отворање на Пензиски паркови во уште неколку училишта, со кои сакаме преку пример да им прикажеме на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираме да станат активни учесници во грижата за животната средина.
Среќни сме што кампањата „Засади желба за поубава иднина“ безрезервно ја прифатија директорите на училиштата, учениците, како и целата јавност, што ни дава уште поголем мотив да вложуваме во нејзиното одржување. Им благодариме на сите кои досега ни укажаа доверба и помогнаа во остварувањето на нашата идеја. Одиме заедно понатаму, кон градење на едуцирана младина која ќе може да донесе вистински одлуки во вистинско време, со што ќе создадеме поубава иднина за сите нас“ – изјави Зоран Габеданов, Раководител на Сектор за маркетинг и грижа за членство во Сава пензиско друштво а.д.
Во оваа прилика директорката на гимназијата, Невенка Стојанова, со нескриено задоволство им се заблагодари на пензиските друштва.
„Како директор на СОУ „Јане Сандански“ чувствувам потреба да ја искажам огромната радост што токму на нашето училиште му е дадена привилегијата да биде дел од проектот „Засади желба за поубава иднина“. Упатувам благодарност до пензиските друштва затоа што со својата донација од 15 садници ќе го разубават нашиот двор, а воедно и ќе ја подигнат свеста кај јавноста, а особено кај младите за важноста на ваквите активности. Сигурна сум дека денешниот ден ќе биде мотивација за нашите вработени и ученици да ја продолжат мисијата на пензиските друштва и ќе се вклучат во други акции со слична цел. Ова не е првпат нашето училиште да биде дел од акција за грижа за природата – нашата еко секција има учествувано и во многу други активности за садење, прибирање отпад и слично“ – истакна Стојанова.
По воведните обраќања, претставници од пензиските друштва заедно со учениците од „Јане Сандански“ го раззеленија училишниот двор со чистење, подготовка на почвата и садење на 15 средно созреани листопадни садници.
На крајот од акцијата на учениците им беше предадена одговорноста да се грижат за нивниот парк како симбол за активниот удел кој тие го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ се достапни на веб страната www.penzija.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk